Издумани Крлевизми: „Некои луѓе мислат дека се книги. Ум немаат, а ум даваат“
Објавено: 24 април, 2026, во 09:10 часот
Петнаесетте најнови афоризми, Атанас Крлевски, оваа недела ги напиша за читателската заедница на Дума.мк посветувајќи ги на книгата и нејзиниот празник поточно 23 Април – Денот на книгата. Еве што афористичарот и сатиричар создаде и стави на јавно читање:
„Книгите се како вината. Сите се дегустираат, а само добрите се консумираат.“
„Најкратка книга која би ја напишал, ако ми ја издадат: Уа, уа,уа! И насловот би бил: Уа!“
„Денес ако не те читаат, значи си добар писател.“

„Купува книги. Заради декорот во станот.“
„Читаме книги и по препорака, ама сами одлучуваме дали ќе ги дочитаме.“
„Некои луѓе мислат дека се книги. Ум немаат, а ум даваат.“
„Потешко е да издадеш книга отколку својот народ. За второто има повеќе помагатели.“
„Книгата не учи сама, ама и кафето не се пие само.“
„Открив што сакал да каже писателот. Ништо!“
„Со жена ми постојано сме на промоции. Јас на книги, а таа на акција цени.“
„Книгата е да се чита, освен кога има повеќе писатели од читатели.“
„Моите книги се хартии од вредност. Ги делам како дивиденда.“
„Училиштето ме научи да ги читам книгите во редови, а животот – и меѓу редови!“
„Кога ВИ би напишала книга со наслов „Идиот“, Достоевски би коментирал „Природно си е природно!“
„Книгите се како жените. Уште на почетокот треба да ги прочиташ дали ќе ги дочиташ.“
Вашиот,
Атанас Крлевски



