Работниците за 1 Мај: Нема да се покориме, нема потчинување, продолжуваме со борбата

Објавено: 1 мај, 2026, во 14:38 часот

Сојузот на синдикатите на Македонија го одржа традиционалниот првомајски протест со неколку илјадно членство кое маршираше од седиштето на ССМ, преку Собранието до Владата.

На почетокот на протестот се обрати претседателот на ССМ Слободан Трендафилов кој рече дека денеска работниците избраа да бидат тука.

„Денеска кога ќе се движиме до Владата, ќе ги видиме на лицата на нашите граѓани како гледаат од прозорците и балконите и ќе чекаат некој како ние, како вие, да се избори за нивната плата. Да им се извинам и на полициските службеници кои мораат да бидат денеска тука со нас. Да ви се извинам и на вас во името на ССМ затоа што уште треба да се бориме, пожестоко и уште повеќе, затоа што платите се ниски. Денеска 260.000 работници живеат со плата под 600 евра, а тука сме само неколку илјади луѓе на протест на 1 мај.

Веројатно сликата што се креира во општеството е таква дека треба да се покориме, дека треба да се потчиниме, нема да го направиме тоа“, порача Трендафилов.

Тој истакна дека денеска има и квази синдикати кои сметаат дека не треба да се протестира.

„Денеска има и квази синдикати кои сметаат дека не треба да се протестира, кои сметаат дека нивното членство е задоволно и кои сметаат дека 1 мај е за луксуз во скап хотел и за скапа конференција. Но, ние, денеска тука избравме да порачаме дека нема да се покориме, нема потчинување, продолжуваме со борбата“, нагласи претседателот на ССМ.

Потоа поворката работници се упати по предвидената маршрута до Владата на Македонија.

Дума.мк

Извор: Рацин

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.