Стручно и дуално образование за 290 ученици со стипендии за пракса – Отворен ден на ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ (фото и видео)

Објавено: 7 мај, 2026, во 14:47 часот

Машинска, електро-техничка, угостителска и сообраќајна се четорите стуки коишто и годинава им ги нуди на деветтоодделенците во средното образование ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ во Велес. На денешниот Отворен ден ученици од завршните класови на основните училишта од градот како и од соседните општини Чашка, Градско и Лозово дојдоа за да го запознаат ова средно училиште, наставните програми, звањата што можат да ги стекнат како и квалификациите коишто ќе им бидат професионална реализација во животот.

Деветтоодделанците по прифаќањето на влезната училишна врата, од страна на професорите и учениците, прво ги посетуваа училишните кабинети и работилници каде врснички едукатори заедно со професорите детално им го објаснуваа процесот на образование.

Потоа со прошетка низ училишната зграда ги носеа до спортската сала каде се запознаваа и со компаниите соработници на училиштето во стручното и дуалното образование.

Таму ги чекаа нови изненадувања како што се квизови за забава кои им ги подготвија учениците од Математичката и Информатичка секција, Ликовната галерија со слики кои ги цртаа ученици на ова училиште кои имаат уметнички афинитети како и разговори со претставниците на бизнис компаниите.

Директорот на училиштето, Горан Богоевски за Дума.мк соопшти дека во учебната 2026/27 година ќе имаат можност да запишат 290 ученици, во девет паралелки, а ја демантираше и дезинформацијата што деновиве се проширила за завршниот дел или полагањето на матурата.

Деветтоодделенците денеска во ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ пристигнуваа во групи, организирани и водени од нивни наставници а по посетата остануваа во училишниот двор и љубопитно истражуваа за се што слушнале во училиштето.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.