Отворен ден на ССОУ „Димитрија Чуповски“ за деветоодделенците од Велес и од Вардарски регион – понудата и бројот на ученици се дефинирани (видео и фото)
Објавено: 20 мај, 2026, во 17:13 часот
Од една страна на училишниот двор денеска ученици со хемиски експерименти и подготвени пекарски производи а од друга бесплатно мерење на притисок, фармацевтски производи и козметичко разубавување на лице место. Вака денеска одлучија учениците, професорите, стручната и техничката служба на ССОУ „Димитрија Чуповски“ да ги дочекаат деветоодделенците пред кои го презентираа училиштето и вештините кои ги стекнале низ образовниот процес и праксата во учебната 2025/2026 година.


„Ова е училиште и со дуални паралелки. Знаете ли што е тоа?“, поставуваа прашања учениците од повисоките класови на деветоодделенците и веднаш им појаснуваа. А бројот на деветоодделенци од сите основни училишта во Велес не беше мал.

Најголем број од нив, девојчиња се собираа пред штандот на медицинските сестри, фармацевтите ама и кај козметичарките кои бесплатно шминкаа и дотеруваа. Момчињата беа најбројни кај месарите, пекарите и лаборантите од заштита на животна средина.

Директорот Горан Јанков појасни што ќе им понуди ова велешко средно училиште на деветоодделенците кои ќе одлучат од септември да бидат ученици во прва година на ССОУ„Димитрија Чуповски“ од Велес но и од Вардарски регион.
Во ова средно стручно училиште во Велес во учебната 2026/2027 година ќе можат да се запишат вкупно 168 ученици во 6 паралелки. Наставниците и учениците ги поканија со зборовите „Подготвени сме – ве очекуваме!“.
Убавка Јаневска


