Грција со нов сообраќаен Кодекс: Aко летувате внимавајте на црвено светло, појас, телефон, брзина, има и други прекршоци со строги казни!

Објавено: 9 јуни, 2026, во 13:08 часот

Возачите кои патуваат во Грција треба да бидат особено внимателни на сообраќајните правила, бидејќи со новиот грчки Кодекс за безбедност во сообраќајот се предвидени построги казни за повеќе прекршоци.

Законот 5209/2025, објавен во грчкиот Службен весник минатото лето, предвидува повисоки санкции за прекршоци кои се сметаат за особено ризични, како поминување на црвено светло, непочитување знак „СТОП“, пребрзо возење, некористење сигурносен појас или кацига, како и користење мобилен телефон за време на возење.

За поминување на црвено светло е предвидена казна од 700 евра и привремено одземање на возачката дозвола на 60 дена. За непочитување знак „СТОП“, казната може да изнесува 350 евра, со одземање на возачката дозвола на 30 дена, доколку прекршокот не предизвикал сообраќајна несреќа.

Строги казни се предвидени и за некористење сигурносен појас или за возење мотоцикл без заштитна кацига. За овие прекршоци казната изнесува 350 евра и привремено одземање на возачката дозвола на 30 дена.

Посебно внимание се препорачува и на користењето мобилен телефон при возење. Грчките правила предвидуваат санкции за возачите кои користат телефон без уред за слободни раце, а кај потешки или повторени прекршоци казните можат да бидат значително повисоки.

Пребрзото возење се санкционира според степенот на надминување на дозволената брзина. За потешки случаи предвидени се високи парични казни и привремено одземање на возачката дозвола.

Грчките медиуми наведуваат дека новиот систем има за цел построго казнување на опасното однесување во сообраќајот и поголема одговорност на возачите. Казните особено се однесуваат на прекршоци кои директно ја загрозуваат безбедноста на патниците, пешаците и другите учесници во сообраќајот.

За македонските граѓани кои летово патуваат кон Халкидики, Тасос, Олимпик Бич, Лефкада или други туристички места во Грција, препораката е да се почитуваат ограничувањата на брзината, да не се користи телефон при возење, задолжително да се користи сигурносен појас и внимателно да се следи сообраќајната сигнализација.

С.М

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.