ЖФК „Борец“ – Велес е во Торино како учесник на меѓународен турнир  

Објавено: 29 јуни, 2026, во 14:56 часот

Женскиот фудбалски клуб „Борец- Велес“ еден е од учесниците на меѓународниот фудбалски турнир што се одржа викендов во Торино, Италија, во организација на италијанскиот клуб Cit Turin LDE и со поддршка на програмата Erasmus+ Sport.

ЖФК „Борец“ е единствен претставник од Македонија на оваа значајна спортска манифестација, на која учествуваат екипи од Италија, Франција, Словачка, САД и Македонија. Покрај домаќините „Cit Turin LDE“ и „ASD Borgo Vittoria“ од Италија, на турнирот учествуваат и FC „Tatran Prešov“ (Словачка), „Grenoble Foot 38“ (Франција), „Selectivo San Diego“ (САД), „Academia Torino“ и „Torino FC“ (Италија).

Во рамките на престојот во Торино, фудбалерките и стручниот штаб на ЖФК „Борец“ имаа можност да го посетат стадионот „Алијанц“ и музејот на еден од најголемите европски клубови – „Јувентус“. Посетата претставуваше незаборавно искуство и дополнителна мотивација за младите фудбалерки, кои за првпат имаа можност одблиску да се запознаат со историјата, традицијата и успесите на славниот италијански клуб.

Учество на вакви меѓународни настани претставува значајна можност за спортски развој, стекнување нови искуства и промоција на македонскиот женски фудбал на европската сцена.

Велешките фудбалерки ќе имаат можност да ја видат и познатата италијанска репрезентативка и член на Јувентус, Барбара Бонансеа, која ќе биде специјален гостин на настанот и ќе се сретне со младите фудбалерки од сите екипи учеснички, меѓу кои и ЖФК „Борец“.

Дума.мк се обиде на емајл да исконтактира со управата на клубот. По враќањето дома ги очекуваме впечатоците и резултатите од турнирот.

Ангел Јаневски

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.