(ФОТО) И во услови на коронавирус велешани повторно хумани, дарувани 63 крвни единици
13.08.2020
На првиот, од вкупно двата предвидени денови, на Традиционалната летна крводарителска акција во Велес се одзваа голем број на крводарители. Денеска во Ликовниот салон беа дарувани 63 крвни единици или 13 повеќе од очекувањата на Општинската организација на Црвен Крст Велес.
Од нив осум беа жени. Четворица велешани станаа нови членови на најхуманата организација. Тие за прв пат даруваа крв.
-Нашите очекувања за денешниот ден се дека одзивот ќе се движи околу бројката од 50 крводарители. Во услови на коронавирус тоа е добар одзив и секако за почит. Акцијата продолжува и утре. Ја користам оваа можност да ги поканам велешани да се приклучат во текот на утрешниот ден бидејќи секое ќесе со крвна плазма значи спасен човечки живот, рече секретарот на Црвен Крст Велес Орце Николов.
Но денеска на крајот од првиот ден на крводарителската акција се регистрирани 63 крводарувања.на акцијата беа применети сите мерки според утврдените протоколи за заштита од коронавирус.
И утре, петок 14 август, вратите на Ликовниот салон ќе бидат отворени од 7.30 часот до 14.30 часот за граѓаните кои ќе одлучат да и дадат поддршка на 27 Летна крводарителска акција во Велес.
Организаторите, Црвен Крст и Институтот за трансфузиона медицина, на минатогодишната летна крводарителска акција собраа вкупно 161 крвни единици./У.Ј