Рацин по 63-ти пат ги собра почитувачите да рацинуваат во Велес (видео и фото)
Објавено: 16 јуни, 2026, во 12:32 часот
Велес, градот мој и твој градот на нашиот Рацин, сеуште чука во ритмот на неговото срце, срце во кое е збрана суштината македонска која сите нас не собра по 63ти пат да рацинуваме. Стиховите за Ленка и нејзината недоткаена, даровна кошула и вечерва ја разнежнија и ја растреперија публиката. Низ бесмртните стихови повторно ја оживеаја љубовта, тагата и копнежот, потврдувајќи дека делото на Рацин останува живо и длабоко врежано во колективната меморија на македонскиот народ.


„Цела една вечност испишана во македонски стих,“ рече градоначалникот Марко Колев во поздравниот говор потенцирајки дека ,,постојат луѓе чие време завршува со нивниот живот, но постојат и великани што стануваат дел од колективната меморија на еден народ. Коста Солев Рацин е току таков, тој не само историја туку е и сегашност и иднина“.
Академик д-р Катица Ќулавкова, во својата Бесада за Рацин, помеѓу другото рече:

,,Секој народ на свој начин сведочи дека историјата се повторува, дека историјата е циклична. Ако историјата се повторува, значи дека историјата е законита, а се’ што е законито е предвидливо. Следствено, ако нештата се предвидливи, ако се начелно предвидливи, ако се предвидливи со висока доза на веројатност, тогаш историјата навистина е мајка на знаењето. Тогаш навистина луѓето, народите и човештвото би можеле да извлечат корисни поуки и да преземат соодветни мерки за да се превенираат непоправливите грешки, да се избегнат трагичните и неправедните ситуации, за да се ублажат последиците од погрешните политики и стратегии“.
Академик д-р Ќулавкова потенцира дека не е доволно да се поклонуваме пред Рацин и неговото дело, потребно е да го следиме и да ги оствариме неговите идеали за слобода, рамноправност, праведност, и – конечно за среќа.
За романот „Коста Солев – смртопис“ театрологот и театарски режисер Наум Пановски е добитник на Рациновото признание за 2026 година но бидејќи бил надвор од Македонија нему наградата дополнително ќе му биде врачена. Тој сепак информирал дека паричниот дел од наградата ја донира на граѓанско здружение „Искон“.
Првата вечер од литературната и културна манифестација завршија со концерт на Никола Мицевски и Дамјан Пејчиновски дуо.

63-те Рацинови средби продолжуваат вечерва со Меѓународниот Поетски митинг и доделување на Почесното Рациново признание за 2026 година на добитникот Маќеј Кавка од Полска за афирмација и промоција на македонскиот јазик, литература и култура надвор од границите на Македонија.
Дијана Иванова
Видео:Дума.мк
Фотографии:Општина Велес


