Издумани Крлевизми: „Режисерите во животот како и режисерите во театарот – работат зад сцената“
Објавено: 28 август, 2026, во 10:16 часот
Изминатата седмица афористичарот и сатиричар Атанас Крлевски за читателската заедница на Дума.мк ги напиша следните 10 афоризми:
„Брачниот триаголник започнува со мито од трето лице ( теме ).“
„Од врвот може да се стрмоглавиш, а од дното да одиш уште подлабоко.“
„Гледачите на животот плаќаат скапи билети.“
„Градбата „Стар будала“ не се гради одеднаш.“
„Златото е вредно, но на многу места железото е повредно.“
„Безнадежните ситуации лесно ги надминувам. Ги заменувам со други.“
„Колку луѓе, толку вистини. Еволуцијата не завршила.“
„Да ги надминуваме поделбите! Брзо се множат.“
„За добро информираните кругови ВИ е нагазна мина.“
„Режисерите во животот како и режисерите во театарот – работат зад сцената.“
Атанас Крлевски



