Започна откупот на сончоглед во велешка Маслодајна, менаџментот пред непланиран предизвик – опомени за паркираните камионџии од полицијата

Објавено: 9 септември, 2026, во 13:36 часот

Првите камиони товарени со овогодишeн род од македонските ниви стигнаа пред  најголемиот македонски производител на масло за јадење од сончоглед. Велешки „Кристал 1923-та“ годинава очекува да откупи околу 5 илјади тони сончоглед за произвотство на 3 илјади тони масло за јадење. Откупната цена изнесува 30 денари за килограм со ДДВ.

Но, за прв пат годинава менаџментот на Маслодајна се разубедува со велешката полиција да не ги казнува камионџиите кои паркираат на една коловозна лента на улицата „Алексо Демниевски Бауман“, пред нивната капија.

„Станува збор за паркирање на кракот од улица Алексо Демниевски кој се користи за сообраќај кон Железничка станица. Значи тоа е истата улица што со децении се користи во период од два месеци, додека трае откупот. Не знаеме што годинава се случи, каква е оваа промена и кому сметаат камионите кои одеднаш не можеме да ги примиме во нашиот двор. Инаку за да не создаваме метеж, на кракот од истата улица, пред поранешен Жито Вардар и во правец кон поранешна Топилница, кој е многу фрекфентен, ние одлучивме да не се паркираат таму камионите за да влегуваат од горната капија,“ соопштија од „Кристал 1923“.

Дума.мк испрати прашање до Сектор з внатрешни работи (СВР) Велес и прашаше „кому сметаат камионите со сончоглед ако традиционално секоја година, низ децении, на една лента се паркирани и според распоред за влез во дворот на компанијата, им биле дадени инструкции тие сепак на три паркирани камиони да оставаат простор за застанување на автомобили“.

Од велешката полиција одговорија дека од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај при СВР Велес, постапувале  согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кој е регулирана безбедноста на сите учесници во сообраќајот, а меѓу другото и запирањето и паркирањето на возилата.

„Имено, во Законот е наведено дека возачот не смее да го запре или паркира возилото на место на кое тоа би ја загрозило безбедноста на другите учесници во сообраќајот или би претставувало пречка за нормално одвивање на сообраќајот или за движењето на пешаците и велосипедистите. Во изминатиот период на кракот од улица „Алексо Демниевски“ кој води кон Железничка станица Велес, има зголемена фреквенција на возила и пешаци поради голем број новоотворени деловни објекти. Затоа, полициските службеници од ПС за БПС при  СВР Велес на возачите на товарните возила им укажуваат возилата да ги паркираат на безбедна локација каде паркирањето е дозволено или во кругот на фабриката, имајќи превид дека СВР Велес е институција која има надлежност и обврска да се грижи за одржување на безбедноста и нормалното одвивање на сообраќајот,“ соопштија од СВР Велес.

Од велешка Маслодајна се изненадени затоа што ова им создава непредвиден проблем на почетокот на годинешниот откуп на сончоглед.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.