Розов Велес испрати порака до сите жени: Секоја ЖЕНА е важна!
Објавено: 6 октомври, 2026, во 14:49 часот
Розеви машнички и балони денеска го обоија Велес во розево, испраќајќи порака за подигнување на свеста за раната превенција на ракот на дојката. Пред велешки Театар се одржа првиот од серијата настани организирани од Организацијата на жени во соработка со Младинскиот центар Велес, со цел преку заедничко учество и активност да се поттикнат информирањето и превенцијата.

Во рамките на настанот беше поставен информативен штанд, каде што граѓаните добиваа флаери, розеви машнички и балони, а учесниците симболично прошетаа еден круг низ градот, со што уште еднаш беше испратена пораката дека за здравјето треба да се грижиме навреме.

-Податоците покажуваат дека 1000 жени годишно заболуваат од рак на дојката.Свеста не треба да застане кај розовите панделки – треба да не потсети дека треба да направиме преглед. Ракот на дојката се лекува ако е откриен навреме. Закажете мамографија или ехо преглед, поттикнете ги жените околу вас – мајка си ,сестра си, вашата пријателка. Секоја ЖЕНА е важна, ВАЖНА си ти, зад секоја ЖЕНА стои приказна, порача Мирјана Трајкова – претседателка на Организација на жените на Општина Велес.
-Нашата цел е младите да бидат активни учесници во настани кои имаат важна општествена и здравствена порака,“ истакна Стефани Манева – Младински работник на Младински центар Велес.

Со денешниот настан, Организација на жени и Младински центар Велес упатија заедничка порака дека информирањето, превенцијата, поддршката и заедничкото дејствување се важни чекори во подигнувањето на свеста и поттикнувањето на раната превенција на ракот на дојката.
Убавка Јаневска


