Актерката Слободанка Чичевска одбележува 45 години од првата одиграна улога и 40 години професионална работа во велешки Театар (фото)
Објавено: 7 октомври, 2026, во 12:59 часот
Публиката секако ја памти како Анѓа во „Сомнително лице“, како Агафја во „Женидба“, како Дона Елвира во „Дон Жуан“ како Соња во „Вујко Вања“ и Соња во „Злосторство и казна“ ама и како Попова во „Мечка“. Ова се само петте најзначајни од одиграни околу 200 улоги на „штиците што живот значат“ во професионалната кариера на Слободанка Чичевска актерка на велешки Театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“.
Во старата и трошна зграда на велешки Театар, Чичевска, доаѓа како младо девојче – студентка на Факултетот за електротехника на УКИМ со цел „да го отсонува сонот на актерка“ и успева, затоа што препознавањето на нејзиниот талент , во 1984 година, резултира со одиграната улогата на Анѓа во претставата „Сомнително лице“ за која што театарските критичари напишаа: „Ова е една од нејзините клучни рани улоги каде што игра директно, рамо до рамо, со театарската легенда Петре Прличко, кој истовремено ја режира претставата и ја игра главната машка улога“.

Во професионалниот пат на Слободанка Чичевска секако дека треба да се вбројат и двете брилијантно одиграни улоги на Електра и на Антигона, во истоимените претстави, во режија на Стојан Стојановски на сцената на Античкиот локалитет „Стоби“, од продукцијата на велешки Театар работена на антички текстови. Претставите на овој врвен македонски режисер се основа на која што се потпре а потоа идеата се претвори во Фестивал, единствен на античка драма во Македонија и на Балканот, кој заслужено прерасна во Интернационален.

Утревечер, кога ќе го игра ликот на Јоана Јонова во претставата „Ние двајцата и Алојз“ заедно со колегите Васил Зафирчев, во улога на Кристијан Василев( синот на Јонова) и Филип Христовски (кој ќе ја толкува улогата на Алојз Алцхајмер), Слободанка Чичевска, ќе има на што да биде горда. Освен што преставата режирана од Деан Дамјановски ќе биде круна на нејзините два работни јубилеи – 45 години од првата одиграна улога и 40 години професионална работа во велешки Театар, таа покрај себе ќе има само двајца од големиот број на актери со изградена брилијантна кариера како Зафирчев или како Христовски кој се чини дека ја има истата цел. Нивните таленти ги откри токму таа, Чичевска, во драмското студио каде беше автор и режисер на голем број детски претстави, несебично пренесувајќи ја љубовта кон театарот на помладите генерации. Во публиката најавено е присуството и на останатите од неа откриени таленти, голем дел од нив веќе докажани колеги.

Славеничката веќе ја даде својата изјава во која скромно но искрено соопшти:
– Не ми се верува дека поминаа 40 години. И за се низ што поминав, од театар во основање, до нова зграда, до Центар за култура и конечно најголемата желба ми беше да заиграм а еве сега играм во театар, во Театар „Џинот“, рече Слободанка Чичевска.

Зад одбележувањето на двата јубилеи на актерката Слободанка Чичевска стои велешки Театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“. Директорот Жарко Спасевски пред новинарите соопшти дека оваа востановена пракса ќе прерасне во традиција затоа што театарот има актерски имиња чии труд и пожартвуваност се вредни за одбележување.
Убавка Јаневска


