Концерт „Танго – Романса – Фолк“ одржаа македонскиот кларинетист Иванов и францускиот гитарист Петио во Велес (видео)

Објавено: 26 октомври, 2026, во 14:42 часот

Двајца музички уметници, македонскиот кларинетист Игор Иванов и францускиот гитарист Ромен Петио, им приредија невообичаен музички коцерт на велешани. Иванов и Петио во дуо состав, освен што ја прикажаа блиската и суптилната музичка комуникација меѓу кларинетот и гитарата на концертот „Танго – Романса – Фолк“, кој што се одржа во Ликовен салон Велес, покажаа како функционира македонско француска уметничка соработка преку членување во ансамбл „Алтус“, формиран за да обединува македонски и француски музичари околу заеднички музички проекти.

„Со колегата Игор Иванов се запознавме токму преку членувањето во  ансамбл Алтуз преку кој што заедно настапивме на повеќе концерти и токму преку тие настапи ние професионално, музички се запознавме.  Тое е развивање на музичко пријателство преку Алтуз и сега го продолживме со оваа програма. Поточно, кога Игор ми предложи да го отсвириме заеднички овој концерт кој што е дуо рецитал во Велес за мене преставуваше големо задоволство. Многу ми се допадна оваа Галерија, Ликовен салон, секако и изложбата која што е поставена во неа.“

„Јас сум презадоволен што имавме можност со Ромен Петио да настапиме заедно, тука, во Велес. Малку е потешко кога се организираат концерти со уметници од странство но јас сум задоволен што Петио дојде директно од Париз. Имавме само два дена да се подготвиме и искрено се надевам дека и се допадна нашата програма на публиката. Изненаден сум од бројот на публиката која што дојде и го проследи нашиот музички дуо рецитал. Јас со ансамбл Алтуз настапив минатата година во Конзерваториум во Париз кога се запознав со колегата Петио. Таму се договоривме за настапи во Македонија што впрочем е целта на овој ансамбл. Сега мислам дека следно можеме повторно да настапиме во Франција. Тоа ни е идејата да направиме музичка размена помеѓу Македонија и Франција,“ рече кларинетистот Игор Иванов.

Концертот на двајцата музички уметници во Ликовен салон Велес е финансиран од Министерството за култура и туризам.

Убавка Јаневска


Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.