Невработени граѓани на Велес, Чашка и Градско од 10 профили ќе можат бесплатно да се сертифицираат за полесно да најдат работа
Објавено: 2 ноември, 2026, во 13:46 часот
Невработени лица во Велес,Чашка и Градско кој што досега работеле и имаат работни искуства но немаат дипломи за профилите Инсталатер за греење и климатизација, Автомеханичар, Инсталатер за цевкини водови, Машински механичар, Слаткар, Готвач, Бариста, Администратор на веб страница, Автоелектричар и Електричар, сега ќе можат да ги верификуваат своите знаења и да се стекнат со Сертификат за полесно да најдат работа.
Овие невработени лица можат да ги приложат документите со кои ќе докажат дека стекнале знаење и пракса во процес на неформално образование и информално учење при проверка поточно валидизација во Државното средно училиште “Коле Неделковски“. На кандидатите им се обезбедува бесплатна поддршка од сертифицирани советници, а проценката ја врши соодветна комисија формирана согласно важечките прописи.
Заинтересираните кандидати можат да се вклучат во овој Јавен повик на Агенцијата за вработување – Центар за вработување Велес заклучно со 20 ноември, годинава. Станува збор за мерка од Оперативниот план за вработување на државата – 3.5 Валидизација на стручни квалификации на 200 невработени лица за полесно интегрирање на пазарот на труд.
За оваа пилот мерката на државата заинтересираните можат да се информираат подетално во велешкото Биро за вработување.
Убавка Јаневска


