Велешката компанија „ИДЕА ХОЛДИНГ“ промовира две патентирани иновации за нови можности во комуникацијата и развојот

Објавено: 2 ноември, 2026, во 15:00 часот

Два уреди за воспоставување на комуникација со деца кои имаат проблем со говор и деца со аутизам, создадени од  инжинерскиот тим на велешката компанија „ИДЕА ХОЛДИНГ“, прв пат беа презентирани во саботата на 31 октомври во Скопје.

Инжинерот Никола Тодоровски е креатор на дидактичкиот уред „GLOO didactic“ додека „SLP CUP“ е производ на инжинерскиот тим на „ИДЕА ХОЛДИНГ“.

На презентацијата во саботата д-р Мулјаим Качка ги истакна охрабрувачките резултати од досегашните испитувања на двата производи, а Никола Тодоровски ги претстави техничките карактеристики на уредот.

Од предизвиците во секојдневната клиничка работа до создавање конкретни, патентирани решенија – овој развоен пат беше во фокусот на првото претставување на двете патентирани иновации во технолошкиот парк „N99 Technologies“ во Скопје, во организација на „ИДЕА ХОЛДИНГ“ од Велес.

На настанот најпрво се обрати д-р Мулјаим Качка, доктор на науки по логопедија и лингвистика како и клинички логопед, преставувајќи ја стручната и клиничката основа на производите. Посебен акцент во неговото излагање беше ставен на охрабрувачките резултати од досегашните испитувања. Тој ја истакна важноста на развојот на решенијата што произлегуваат од непосредна работа со корисниците и од разбирањето на нивните потреби.

Потоа, Никола Тодоровски од “ИДЕА ХОЛДИНГ“  ги претстави техничките карактеристики и начинот на функционирање на „GLOO didactic“ уредот. Неговиот придонес во создавањето на производот ја покажува важноста на технолошкото знаење во претворањето на потребите од практиката во конкретни алатки за поддршка на комуникацијата и развојот.

“GLOO didactic е интерактивен дидактички уред наменет за поддршка на визуелно внимание, интеракција и воспоставување контакт со очи кај деца со аутизам. Преку комбинација од светлосни, звучни и вибрациски сигнали, уредот е осмислен како дополнителна алатка во терапевтската работа.

Вториот производ, SLP CUP, е патентирана логопедска чаша со две нивоа, наменета за вежбање на подвижноста на јазикот и поддршка на оралната моторика кај деца и возрасни. Развиена од клиничката практика, таа нуди практична алатка за спроведување на овие вежби.

Излагањата на д-р Качка и Тодоровски ги поврзаа клиничкото искуство и технолошкиот развој, давајќи увид во процесот на создавање решенија насочени кон конкретни човечки потреби.

Премиерното претставување ја истакна можноста преку соработка меѓу клиничките професионалци и технолошките компании да се развиваат производи со меѓународен потенцијал. GLOO didactic и SLP CUP се пример како знаењето, истражувањето и развојот можат да прераснат во практични иновации, информираа од “ИДЕА ХОЛДИНГ“ .

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.