ООУ „Васил Главинов“ преку Еразмус проект до заедништво во поинклузивна, посолидарна и позелена заедница

Објавено: 14 ноември, 2026, во 14:02 часот

Преку реализирање на заеднички спортски и еколошки активности, ученици на ООУ „Васил Главинов“ испратија силна порака дека различностите  збогатуваат, тимската работа обединува, а малите дела можат да направат големи промени во локалната заедница.

Заедно со наставниците – ментори, учениците, прво се дружеа со поканетиот гостин, пензионираниот фудбалер Трајче Ковачев, кој на училиштето му подари 100 книги од својата лична колекција. Учениците  разговараа со Ковачев, му поставуваа прашања за неговата спортска кариера и учеа како успехот се гради со труд, упорност, почит и тимски дух.

На Ковачев му се придружи и познатиор афористичар и сатиричар, Атанас Крлевски, кој исто така подари книги со афоризми од својата лична колекција со цел да го збогати училишен книжевен фонд. И Крлевски покажа гест на дарежливост, споделување знаење и поттикнување на љубовта кон пишаниот збор.

Учениците и наставниците – ментори со ветераните од ЗГ „Велешките акцијаши“, го разубавија училиштен двор засадувајќи садници и листопадни дрвја со што дадоа придонес кон позелена, поубава и поздрава училишна средина.

-Преку оваа активност ги поттикнуваме еколошката свест, тимската работа и одговорното однесување кон природата, создавајќи зелени практики што треба да станат дел од нашето секојдневие. Со заеднички активности, дружење, учење и грижа за природата покажавме дека инклузијата не е само прифаќање на различностите, туку создавање можности секој да биде вклучен, прифатен и вреднуван. Затоа што секој ученик е важен, секој придонес е значаен, а заедно можеме да создадеме подобра иднина, рече наставничката Весна Николова.

ООУ „Васил Главинов“ е носител на овие проектни активности од Еразмус проектот.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.