Силни детонации денес ги вознемирија граѓаните на Општина Неготино
18.12.2020
Уништувањето на 110 тони артилериски гранати со експлозивен материјал, кои беа пронајдени во Битола, а почнаа да се уништуваат на воениот Криволак, денес предизвика силни детонации кои од попладнево одекнуваат во Општина Неготино.
Многубројни граѓани се обратија до нашата редакција да ја изразат својата загриженост. Некои од нив велат дека ударите се толку силни, што истите предизвикале тресење на нивните прозорци.
Како да сме во војна, велат дел од граѓаните.
Претходно, со свој став излезе Министерството за одбрана, од каде излегоа со уверување дека уништувањето ќе биде безбедно по здравјето на граѓаните и животната средина. Тие побарале и изготвување анализа која содржи прелиминарна проценка на емисиите на суспендирани честички од детонирање на експлозии, која во меѓувреме ја изработи лабораторијата АМБИКОН при Универзитетот Гоце Делчев од Штип.
Анализата, предводена од проф. д-р Дејан Мираковски, извршена според етаблирана и јасна методологија со користење на емисиони фактори, дефинирани исклучиво од меѓународно прифатени извори, покажа дека детонациите нема да предизвикаат промена во квалитетот на воздухот во пошироката околина на полигонот Криволак, се вели во соопштението на Министерството.
Уништувањето ќе се одвива постапно, во повеќе етапи и истото треба да заврши до јануари идната година. Имено, на барање на ДЗС, Министерството за одбрана се согласи да асистира и пронајдените 12 700 парчиња бомби од Првата светска војна, да бидат уништени на полигонот Криволак. Уништувањето ќе се врши во 4 термини овој месец (на 15,18, 22 и 23 декември) и уште неколку термини во јануари 2021 година, информираат од Министерството.
Од друга страна пак од Здружението на граѓани „Ековита“, велат дека е недозволиво во услови на пандемија да се уништува толкава количина на експлозивен материјал со непознат состав. Тие негодуваат и на немањето став од локалната самоуправа, по ова прашање, кое велат е од витално значење за граѓаните на Општината Неготино, но и пошироко.
Сметаме дека Неготино покрај пандемиската криза се наоѓа и во воена криза, бидејќи во наша близина ќе се уништат над 110 тони воен опасен материјал. Како здружение предложивме гранатите да се закопаат подлабоко во бункери на безбедни локации на воениот полигон Криволак, но беше одбиено од министерката за одбрана.
Ставот на Ековита е веднаш да се прекине со уништувањето на гранатите и да се одложи во пролетниот или летниот период кога аерозагаденоста е помала, а се надеваме дека и ковид кризата ќе попушти до тогаш. Да се набави мобилна мерна станица за контрола на аерозагаденоста, бидејќи во нашата општина Неготино никогаш не постоела таква опрема, а најблиските мерни станици во Кавадарци рушат рекорди, велат од „Ековита“.
Мите Јаначков