Данов: Деновите на нашата младост, тексас генерација!
21.02.2021
Честопати се сеќаваме на случки од младоста, времето кое најмногу се памети во животот. Особено ако е исполнето со убави и несекојдневни настани и случки кои го збогатиле животот и младоста со искуство, позитивно искуство. Многу пати со помладите разговарам за гимназиското време, за времето кога во државата Југославија кога ние ја живеевме нашата младост и ни` беше убаво.
Кога им раскажувам за нашите патешествија до Трст, во Италија, сегашниве млади со неверување и чудење вртат глава со израз на лице „ама, ајде не не зезај“. А тоа, навистина беше наше доживување во младоста. И стариот пасош со печатите сеуште го чувам.
Во Гимназијата во Велес, во класот бевме шестмина другари, што заедно од мали нозе се поддржувавме и си верувавме бекрајно еден на друг. Ни дадоа дури и надимак – „Џексоновци“.
Целта на нашите организирани патувања до Трст не беше поради некои материјални придобивки, туку поради авантура и затоа што тогаш тука, кај нас, не можеа да се купат фармерки, палта, маички. Иако од продавници во Скопје одевме да пазаруваме, цените на овие производи беа ужасно скапи а и немаше избор.
Затоа, се зачленивме сите во Извидничкиот одред ,, Димитар Влахов“ во Велес, извадивме ,,пашапорти“ и со десетина ,,стотки“ или популарно наречените ,,коњи“, тргнувавме во долга авантура кон Италија. Тоа беше во трета и четврта година на средно образование кога сите бевме веќе полнолетни, зрели, што би се рекло.
Се вадеше ,,патна листа“, список на патници со потпис и печат од извидничката организација и вообично во четврток навечер заминувавме кон Љубљана, со вечерниот брзи воз Атина – Париз што од Велес поаѓаше во 22 часот. „Ју – железница“ вршеше услуга на евтин организиран превоз во групи, за нас голема предност. Билет купувавме на релација Велес – Фернетичи, првата станица по италијанската граница, а потоа локален, италијански до Трст.
На тогашната граница на државата, Сежана во Словенија, се стасуваше рано наутро, во мугрите, додека Трст сеуште спиеше. На железничката станица во Трст пероните беа покриени, уредени, осветлени, со трафики за весници, сендвичи, сокови. Премините беа подземни и се` функционираше беспрекорно.
По излегување од станица сите брзаа кон блискиот пазар за текстил на Понтеросо, каде се купуваа и продаваа фармерки, палта, маици и друга гардероба. Се се пробуваше на лице место. Се купуваа и хулахопки, чадорчиња на склопување, парфеми, и други потребштини.
Од фармерките најмногу се бараа марките ,,Вранглер“ ,,Рој роџерс“, Фиеруџи“, па ,,Ли“, а секако посебен модел беше ,,Леви штраус“, со воден жиг на платното, ако беа оригинал. Но само можевме да сонуваме за нив бидејќи за еден пар можеа да се купат од 4 до 5 пара други, исто така квалитетни фармерки. Во еден период испаднаа фармерки со платка и трегери, па потоа со широки ногавици, па светло сини, избледени, тесни на глуждовите итн. Модата се менуваше но, ние најчесто купувавме стандардни фармерки, кои понекогаш требаше само да се скратат и стеснат.
Купувавме и тексас палта, класични, со два горни џеба и два коси, странични. Овие палта беа многу отпорни и јаки и од нив бевме посено задоволни. Секако, обавезно купувавме и по две- три маички ,,Ла Косте“ како и тексас кошули.
Интересно е да споменам дека ако некој нарачаше фармерки, мораше да даде и јаже, сиџимче со големина на струкот, па според него му купувавме. Ретко грешевме во големината, но и да беше така фармерките веднаш наоѓаа друг купувач.
Откога ќе се направевме „главен пазар“, значи ќе купевме за себе и за останатите што ни порачуваа, се бараа сендвичари, продавници за храна и самопослуги. Носевме храна и од дома за ,,по пат“, обично сендвичи, сукано, соленки. Но, тоа не стигнуваше за по пат.
Научивме дека најдобро и најефтино е да се купи готова, печена кокошка која угостителите ја сечеа и на половина. Се чинеше по една ,,црвена“ или , „коњ од 100 динари“. Тие пари Италијаните најмногу ги сакаа.
Фармерките чинеа просечно 500 динари додека подобрите марки 800, па и 1000 динари. Но, дознавме каде се лоцирани големите магацини, па со помош на една симпатична шверцерска група од Белград почнавме да пазаруваме од таму. Е , тука цените беа скоро напола, а најдовме и симпатичен извор на парфеми.
Тогаш најпопуларен парфем беше ,,Чарли“ и обавезно купувавме по 5-6 шишиња кои добро се продаваа меѓу нашите другарки средношколки, девојките во градот и дури професорките во Гимназијата.
Сето тоа беше симпатично. Инаку откако ќе испазаревме, заминувавме кон ,,Дарвил“, продавница за часовници, златен накит. Тоа беше култно место за сите ју- намерници. Таму имаше бесплатни автомати за кафе, сок и сите во тоа време Југословени го знаеја и го посетуваа тоа место. Таму сите се чекаа и собираа.
На одење, ако ни останеа пари, купувавме постери, трзалици за гитара, стрипови, леб, паштети, лименки „Кока-кола“. Да не однесеш дома барем една или две лименки , исто како да не си бил во Трст!
По купувањето се фаќаше најкраткиот пат до железничката станица. Доѓаше возот и се создаваше стампедо за да се фати место во некое купе! Ретко кога возот беше полу празен, па вообичаено до Љубљана или Загреб си стоевме во ходник. Потоа беше полесно, ама напорно. Гледавме да седнеме сите во едно купе, поради возните билети. Секој носеше по една торбица, а една беше заедничка, за храна и ситни производи што не требаше да ги види цариникот.
Границата беше посебна приказна , „кој не ја минел – не знае“! Цариниците не тресеа, ама се насмевнуваа кога гледаа од каде сме се потегнале за два или три пара фармерки! Ни прогледуваа низ прсти и постојано не` советуваа да пазиме на пасошите, парите, торбиците, бидејќи во возот ,,оперираше“ добро oбучена група на измамници и џепароши. Но сепак, ние патувавме во група, и не ни се случи ниту еднаш да бидеме ограбен.
Секој во својата торбица ги имаше подредено работите кои ги купил и вообичаено ги чувавме во оригиналните кесиња кои продавачите ни ги даваа. Беше престиж да се носи во Велес кеса со знакот на ,, Левис“ или ,, Марлборо“!
Се сеќава дека додека учев во четврта година и во Велес донесоа добри фармерки во продавницата на ,,Ватрекс“. Се продаваа оригинали НА ,,Вранглер“ додека во конкурентската на ,,Беко“ пристигнаа и првите на ,, Ли Купер“, југословенски фармерки, а потоа и спортската колекција ,,Јасса“. Потоа беше полесно.
И на крај една анегдота:
При едно враќање од Трст, ново стекнати пријатели од Белград не замолија секој од нас да им пренесе по едно пакување на коцки за играње табла или „ Не лути се човече“. Во секоја кутија имаше по сто парчиња коцки. Ние со задоволство прифативме и ги скривме коцките. На граница белградска група ја симнаа и ја задржаа за претрес, а ние бевме збунети и уплашени иако нас никој не не` претресе. Минавме лесно, па на крај секој од нас донесе дома по стотина коцки, кои потоа долго кружеа низ Велес, најчесто во паркот каде се играше табла. Слушнавме дека некоја кутија завршила и кај локалните ,,саатчии“.
Така беше во Велес, во нашата младост која за жал одамна помина. Но, сеќавањата останаа, да се раскажуваат. Овој текст е моето раскажување, колку да се потсетиме.
Вашиот хроничар
Љупчо Данов