За историја во медицината: Мајмуни во Сан Диего примија анти-ковид вакцина
05.03.2021
Девет мајмуни во Зоолошката градина во Сан Диего се вакцинирани против ковид-19 со што влегоа во историјата на медицината, рекоа официјални претставници на ЗОО.
Една од примателите на вакцината е 28 годишната орангутанка Карен која во 1994 година беше првиот човеколик мајмун што беше подложен на операција на отворено срце.
– Секој од мајмуните доби по две дози од експерименталната вакцина која оригинално е наменета за кучиња и мачки. Ниту еден од нив немаше лоша реакција при вакцинирањето и сите се чувствуваат добро, изјави портпаролката на ЗОО во Сан Диего, Дарла Дејвис за агенцијата „Ројтерс“.
Одлуката за вакцинирање на мајмуните дојде по појавата на ковид-19 меѓу горили во Сафари парк во Сан Диего во јануари.
– Осум од нив се опоравија или се на пат да оздрават, додаде Дејвис.
Горилите сега не беа вакцинирани оти ветеринарите сметаат дека нивниот имунолошки систем развил антитела за борба против коронавирусот. Се претпоставува дека горилите биле заразени од асимптоматски вработен во паркот.
Мите Јаначков