Фактор : Зголемена побарувачката на девизи – Расте притисокот врз денарот!
Во менувачниците е зголемена побарувачка за девизи, особено за евра. Во банките, регистриран пораст на граѓани кои прашуваат и сакаат да ги повлечат своите штедни влогови. Дел од банкарите за “Фактор“ потврдуваат дека во изминатиот период се случуваат помесувања, но велат дека тоа е рефлексија на политичката неизвесност. Според менаџери на дел од банките, граѓаните се интересираат за стабилноста на банкарскиот систем, но под притисок на политичката криза некои одлучуваат да ги повлечат своите депозити, пишува Фактор.
“Точно е дека изминатиов период се зголеми бројот на граѓани кои сакаат да купат девизи. Освен еврото, кое е најбарано, сега дел од купувачите бараат и швајцарски франци. Оваа состојба ја имавме и лани, по настаните во Куманово. Народот реагира на се ова што се случува во политиката“ – вели сопственик на менувачница во една скопска населба.
Информациите од менувачкиот пазар зборуваат дека деновиве, под притисок на зголемената побарувачка за евра, има пораст на вредноста на европската валута во однос на денарот. Во дел од менувачниците за едно евро се бара 61,75 денари.
Според информации од банакрските кругови, деновиве е забележан зголемен интерес на граѓаните кои прашуваат што е најбезбедно за нивните пари што лежат на штедни книшки.
“Има поместување, но тоа секаде, и во сите градови не се чустува подеднакво. Граѓаните практично стравуваат од политичката криза, од последниците од евентулани насилни протести. Оваа состојба практично ја имавме и лани, по насилните настани во кумановски “Диво насеље“, и тогаш стравот го напрви своето, односно дел од граѓаните ги повлекуваа депозитите, но само за да обезбедат моментална сигурност. Се ова што се случува е рефлексија на политичката несигурност“ – вели за “Фактор“ банкар од раководството на една од деловните банки.
Деновиве и првиот човек на Шпаркасе банка, Глигор Бишев изјави дека Македонија во овој момент нема финансиска криза и вели дека треба да се надеваме оти нема да има.
“Прва реакција кога доаѓа до намалување на депозитната база на банките, тие мора да се усогласат со активата и со својата кредитна активност. Значи билансот на банката во пасивата ги има депозитите и во активата ги има кредитите. И нормално е дека ќе дојде до успорување на кредитирањето на фирмите. Да се надеваме дека нема да биде екстремна контракција, да имаме пад на кредитната активност, а дека ќе дојде до успорување мислам дека веќе е очигледно. Доколку е од краток рок нема во голема мерка да ги погоди компаниите. Она што е важно во овој момент е да сите што имаат заштеди да знаат дека банките се одговорни и дека во секој момент можат да си располагаат со своите средства. Значи доколку одлучат да ги трансверираат или да ги подигнат, банките се во состојба тоа да го направат. Наша обврска е клиентите во секој момент да си располагаат со своите средства, а нивна одлука е дали тоа ќе го прават и се разбира тоа си има опортунитетен трошок, значи сигурноста сепак е најголема кај банкарскиот секотор, во однос вие да чувате готовински средства дома или да ги трасферирате во други облици на имот“, изјави Бишев.
Сепак, дел од менаџерите во банакарскиот сектор велат дека во изминатиот период, има примери на граѓани кои одлучуваат дел од штедните влогови од книшка – да ги депонираат во сеф.
“Повлекувањето на некои од штедните влогови е рефлекција на политичката неизвесност, но не би рекол дека тоа е последица на страв од девалвација. Оние што ќе се одлучат, дел од заштедите од книшка ги ставаат во сефови, се ова зборува за страв од последиците на политичката криза“, коменираат банкарите.
Според директорот на Шпаркасе банка, банкарскиот систем е стабилен а депозитите на граѓаните и на фирмите се безбедни.
“Сепак штедењето ви дава можност да во секој момент имате заштеди, да имате ликвидност. Јас лично не гледам дека во овој момент сигурноста во другите облици на чување на заштедите е поголема од банките, меѓутоа тоа си е одлука на штедачите. Ние ја манифестираме сигурноста и ликвидноста како банкарски сектор, клиентите да си можат да си располагаат со своите средства. Ние во секој момент ги следиме настаните, нашите информациони системи обезбедуваат информации за нивото на штедење и за ликводноста во банкарскиот сектор и секоја нова информација ќе ја вградиме. Верувам дека здружението на банкари може и да се состане и да даде соодветно соопштение“ – изјави Бишев.
Гувернерот вели дека Народната банка има капацитет и може да испорача ценовна стабилност, стабилност на курсот на денарот и на банкарскиот систем.
– Македонија 19 години има стабилен курс на денарот. Во овие 19 години бевме соочени и со многу поголеми предизвици од овие сега, така што укажавме дека Народната Банка има капацитети и може да испорача ценовна стабилност, стабилност на курсот на денарот и сигурност на банкарскиот систем. Така што не треба да има загриженост околу ова, не треба да се верува на шпекулациите. Значи инфлацијата во Македонија останува многу ниска, курсот на денарот останува стабилен, банките остануваат најсигурно место за штедење, истакна гувернерот Димитар Богов.
Текстот во целост прочитај го ТУКА.