Филипче: Од утре ќе има повторно вакцинирање и во Велес, само денес нема термини

Од утре продолжува вакцинацијата на двата пункта во Здравствен дом Велес. Возрасните граѓани со навршени 75 години кои аплицирале на Вакцинација.мк или добиле термин преку матичниот лекар ќе можат да ја примат вакцината на Синофарм. Станува збор за 500 граѓани кои што веќе се пријавени од страна на своите матични лекари. Службата за имунизација ќе работи од 08 до 13.30 часот и дневно ќе вакцинира по 120 граѓани. Оваа количина на вакцини е планирана за имунизација до сабота, осми мај, вели доктор Пандели Божиков од Службата за имунизација на Здравствен дом Велес.

„Нашата служба е составена од тимови во кои учествуваат седум медицински сестри и двајца лекари. Тие се од одделите за имунизација и систематски прегледи на претшколски и на школски деца. Според пријавите од матичните лекари што ги добивме заклучно со денешниот ден, ќе имаме обврска дневно да вакцинираме по 120 граѓани. Во исто време ќе дадеме со еден тим логистика и на пунктот за массовна имунизација во Кавадарци“, рече др. Божиков.
Велешката служба за имунизација очекува дека нова количина на вакцини ќе пристигне неделава за да може континуирано да го продолжи процесот на вакцинирање и во наредната недела. Тие веќе знаат дека во Велес, до крајот на месецот ќе биде отворен објект со повеќе пунктови за масовна имунизација и чекаат инструкции од министерството за здравство.

Викендов се создаде недоразбирање помеѓу голем број на граѓани на Велес кои се пријавиле на апликацијата „Вакцинација.мк“ или кај своите матични лекари со СМС пораките што ги добиле и во кои се информирани дека наместо во Велес вакцината треба да ја примат во Кавадарци.
Според одговорот на новинарското прашање на Дума.мк треба ли возрасни велешани да одат во Кавадарци и таму да се вакцинираат кога во Велес има вакцинален пункт , министерот Венко Филипче одговори: „Од утре ќе има повторно вакцинирање и во Велес. Денес само нема термин“.
Ваквата порака остава простор за размислување дека велешани можеби треба да почекаат да се отвори објектот за масовна имунизација во кој што континуирано и без прекин ќе можат да се вакцинираат.
Дума.мк веќе објави дека во тек се преговори помеѓу општината и министерството за здравство за тоа кој објект ќе биде наменет за масовна имунизација во Велес. Според првичните информации најверојатно станува збор за спортската сала „Гемиџии“. Во овој објект, освен велешани, ќе можат да се вакцинираат и граѓаните на соседните општини Чашка, Градско и Лозово со цел да се скратат патните трошоци и времето на граѓаните и да не мораат да одат во Скопје или Кавадарци.
Убавка Јаневска
