ММФ: Власта помалку да троши за стоки, услуги и субвенции
Објавено: 9 јули, 2015, во 09:09 часот
Домашната политичка несигурност и кризата во Грција, најверојатно, ќе го забави темпото на економски раст, оценува мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во својата завршна изјава по едно неделното скенирање на економијата.
Монетарците од Вашингтон предводени од шефот на мисијата, Џесмин Рахман, оценија дека „можното скршнување од неодамнешниот политички договор и евентуалното натамошно продлабочување на кризата во Грција претставуваат значителни ризици за економскиот изглед“.
ММФ проценува дека економијата годинава ќе оствари раст од 3,2%, а се базира на инвестициите во јавната инфраструктура, силниот раст на кредитите, подобрувањето на пазарот на работна сила и извозот.
„Властите треба да прават континуирани напори за обезбедување полесен пристап до кредити за приватниот сектор, скратување на задоцнувањето на наплатата, вклучувајќи ја и наплатата од јавниот сектор, повеќе предвидлива законска и регулаторна рамка, како и понатамошното поедноставување на улогата на бројни инспекциски тела“, оценува ММФ.
Фондот проценува дека зголемените трошења од буџетот од почетокот на годината за плати за полициските сили и дополнителните расходи произлезени од влошената безбедносна ситуација од една страна, и послабата наплата на ДДВ и неданочните приходи од друга, ќе го зголемат дефицитот на од 3,4% од БДП на околу 4% од БДП.
„Ребалансот на буџетот кој моментално се разгледува треба да ги идентификува мерките за надоместување, вклучувајќи и намалување на трошоците за стоки и услуги и субвенции, како и собирање на заостанатите даноци, а сите приходи поголеми од планираните треба да се зачуваат за да се обезбеди фискален резултат што во голема мерка ќе биде во согласност со првичниот буџет“, оценува ММФ.
Фондот сугерира власта да ги скрати трошењата на народните пари во следниот период со што дефицитот во буџетот ќе се намали под 3% од БДП.
„Во отсуство на какви било промени во даночните стапки, консолидацијата ќе бара зголемување на ефикасноста во наплата на ДДВ, што е ниска според регионалните стандарди, и намалување на социјалните трошоци и трансфери врз основа на темелна проценка на јавните расходи“.
ММФ проценува дека финансискиот сектор останува здрав, банките, вклучувајќи ги и двете грчки подружници, се добро капитализирани.
„Ризиците за прелевање на состојбите од Грција врз финансискиот сектор највнимателно се следат. Засилениот надзор и прудентните мерки, како и ефикасната комуникација кои се применуваат во моментов се оправдани за да се спречат ефектите на можното загрозување од грчката криза“, велат од ММФ.
Во перспектива, монетарците сугерираат Народната банка да биде подготвена за затегнување на монетарната политика во случај на зголемување на финансиските ризици.
Извор:Капитал
