Додека шетате во природа заштитете се од инсекти!
Летото е период кога демнат најразлични опасности кога се движиме во природа. Затоа треба да бидеме и повнимателни. Крлежите се инсекти кои во овој период од годината ги има во парковите, ливадите и шумите. Доколку бидете каснати од овој инсект можете да добиете и најразлични болести кои можат да ги пренесат.
Добриот познавач на дивата флора и фауна, професорот Томе Лисичанец нагласува дека поради топлото време во овој период има наезда од крлежи поради што треба да се има и поголемо внимание.
„Доколку се движите во паркови и шуми потребно е да бидете и заштитени. Треба да носете долги панталони и облека со долги ракави, за да останат што помалку откриени делови од телото. Доколку се случи да бидете каснати од крлеж, можно е дел од него да остане во телото, затоа е најпрепорачливо да се посети медицинска ординација и остатокот од крлеж да биде отстранет од медицинско лице“ советува Лисичанец.
Исто така и лекарите апелираат граѓаните да бидат повнимателни и во случај да бидат каснати крлеж иако немаат црвенило по телото да се јават веднаш на лекар. Лекарска помош треба да побараат и луѓето кои биле каснати од комарци и крлеж кои се лекувале во домашни услови и добиле виоска температура, треска или осип по телото.
