Сто пријави, досега, за прегорени електрични апарати како последица на невремето

Објавено на 18 јуни, 2014 во 11:43

Откорнати бехатон коцки, поплавени куќи, прегорени електрични уреди. Ова е епилогот од невремето што изминатите два дена го зафати градот. Дождот проследен со силен ветер ги поплави улиците, особено главната на која го отежна сообраќајот, ги откорна бехатон коцките на улиците кај Читкушева чешма и црквата Св. Богородица, а уништи и други споредни улици.

Невремето проследено со интензивни електрични празнења направи материјална штета на неколку куќи. Со овој проблем велешани се соочуваат долго време. Со секое невреме што ќе го снајде градот се парализира. Проблемот е во тоа што нема атмосферска канализација. Од општината велат дека изградбата на атмосферската канализација е прескапа инвестиција и општината не може сама да ја направи.

(Куќата чиј покрив се запали по ударот на громот)

„Инициравме проект преку министерството за животна средина да направиме физибилити студија со која би аплицирале за европски средства токму за оваа намена. Се судруваме со сериозен проблем поготово на главната сообраќајница каде од горните зони на градот се слева огромно количество на вода, рече градоначалникот Славчо Чадиев.

Во општината континуирано пристигнуваат пријави од граѓани на кои невремето им направило штети. Најчесто се жалат на поплавени куќи, додека од последното невреме и на прегорени електрични уреди.

„Од последното невреме само на две улици има стотина пријави за уништени електроуреди, пред се на телевизори и компјутери,“ рече Чадиев.

(атмосферска вода на улиците во Велес, за време на невремето)

Додека надлежните не успеат градот да го обезбедат со атмосферска канализација, граѓаните ќе мораат да ги трпат последиците од невремето и сами да се снаоѓаат и да ги заштитуваат своите домови. Претпазливи треба да бидат до крајот на работната недела, до кога се прогнозира слично време како вчерашното, обилни дождови и грмежи во попладневните часови./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.