Матично се сели од периферија во центар
Наскоро од периферијата во центарот на градот ќе биде преселено матичното одделение од кое велешани вадат лични документи. Засега три опции се во игра. Првата можна е во зградата на поранешен Телеком, втората во Работничкиот универзитет и третата во поранешните простории на Прокредит банка, на плоштадот Сармаале.
На отворениот ден на Управата за водење на матични книги директорот Ашим Зекировски ја најави селидбата.
– На повикот за прибирање на понуди за простор во кој ќе се смести службата стигнаа неколку и сега ги разгледуваме и процесуираме. Очекувам дека службата наскоро ќе се пресели во нови и поголеми простории во Велес, рече Зекировски.
Локацијата на која сега се сместени шалтерите од кои се вадат изводи за родени, умрени и венчани, преставуваше дополнителен трошок за граѓаните поради оддалеченоста од зградата на општината и од подрачните одделенија на министерствата. Таа се наоѓа во близина на зградата на пожарната и Топилницата. Многупати досега велешани реагираа поради користењето на превоз. За нив втор сериозен проблем е и малиот објект и тесниот простор во кои службениците ги издаваат документите. Тие се дел од просторот во кој е сместена и службата на МВР за издавање на лични карти, пасоши и сообраќајни дозволи.
Годинава Велес ќе биде приклучен на електронскиот матичен регистер па така граѓаните кои не се родени во Велес ќе можат да вадат документи без да одат во родниот крај./Б.Н