РСЕ: Жешка политичка есен ја очекува Македонија
Во наредниот месец нè очекува сончево и топло време со температури до 30 степени. Есенва нè очекува и поскапување на лебот и зголемување на животните трошоци. Но, топло и мачно со испразнет џеб нема да им биде само на граѓаните. Жешка и бурна есен ги очекува и политичарите. По случувањата со анкетната комисија за настаните од 24 декември политичкиот дијалог влезе во конфузна фаза,пишува Радио Слободна Европа.
Економските индикатори не се баш сјајни, односите со нашите меѓународни партнери не се баш сјајни. Гледаме една зголемена дипломатска активност и на грчката страна, чија главна цел секако не се преговорите со Македонија за името, тоа секако се рефлектира и на внатрешно-политичката сцена, така што јас не би ја исклучил можноста за жешка есен. Кога велам жешка, не велам за предвремени избори, но секако на зголемена активност и на опозицијата и на владејачките партии.
Додека портокаловите бараа розови решенија, а сините се надеваа на најцрното сценарио, се отвори ново поле на политички игри. Политичкиот дијалог се издигна на следното ниво, опозициските пратеници се вратија во Собранието, најавија проактивност, жестоката пратеничка реторика повторно стана секојдневие, а владејачката партија ДУИ сè почесто гласно размислува за спорот за името.
Лидерите на поголемите политички партии во земјава одржаа одвоени средби, па сега повеќе нема недостаток на комуникација, но затоа недостасува продуктивност од дијалогот, велат аналитичарите. За нив, ова ќе биде интересна есен, затоа што нерешавањето на прашањата кои создаваат тензии во општеството водат до неколку сценарија од кои едното е заострување на политичката сцена кое ќе доведе до предвремени избори или другата, помалку веројатна можност за есенва, е консултативен референдум за спорот за името.
превземено од Радио Слободна Европа