Почнува судењето за случајот „Ликвидација“
Во скопскиот кривичен суд, треба да почне судењето на велешката група во која има судија, адвокати, обвинител, поранешни судии и новинарот на „Нова Македонија“ притворени во акцијата „Ликвидација“.
Тие се обвинети за злоупотреба на службената положба, за откривање на идентитет на заштитен сведок, за влијание, посредување, поткуп и за недозволено држење оружје.
На обвинителна клупа треба да седнат 8 луѓе, од кои 7 веќе трет месец се во притвор, додека на слобода, со понудена гаранција е само Борис Николовски, 73 годишен пензионер од Скопје, поранешен судија на Врховниот суд на Република Македонија. Судија во предметот е Дијана Груевска Илиевска.
Иако се обвинети како група, на притворените им се ставаат на товар повеќе кривични дела, кои немаат допирни точки едно со друго.
Судијата Илија Танев е обвинет дека примил 90 илјади денари поткуп од Сашко Арсовски, брат на Златко Арсовски заштитениот сведок во случајот „Ореше“, за како претседател на Кривичниот совет да издејствува укинување на притворот на Златко, кога бил обвинет за разбојништво на поштар во Богомила. Според обвинението, парите му биле дадени на Сабедин Џими Хофман, кој е обвинет за поткуп, а тој требало да му ги предаде на судијата.
Сашко Арсовски во сегашната истрага рекол дека не дал пари за укинување на притворот на брат му, наспроти изјава заверена кај нотар во Скопје во која посочува дека дал пари. Тој бил озвучен и со видео камера на себе разговарал со судијата во судот во Велес, па таа снимка ќе биде дел од доказниот материјал на обвинителството.
Обвинителот Ивица Ефремов е обвинет дека влијаел кај негова колешка да поднесе обвинение без предлог за продолжување на притвор за уапсен велешанец, дел од „Франкфурт мафијата“, а кога не успеал, според тврдењето на обвинителството, предметот експресно бил пресуден од страна на судијата Танев и обвинетиот пуштен од притвор. За ова биле поттикнати од адвокатот Валентин Зафиров.
Екс судијата Зафиров е обвинет и за откривање на идентитетот на заштитениот сведок „Бреза“ бидејќи, откако го сослушал, заминал во затворот во Штип за да ги потпише записниците, па пред директорот и чуварите, иако не смеел го оддал неговиот статус на заштитен сведок.
Новинарот Томислав Кежаровски во ноември 2008 година ги објавил записниците од сослушување на „Бреза3 на кои имало негов телефонски број, имиња на негови роднини, со што Јане Павловски Тица и семејствата на обвинетите за убиството во „Ореше“ дознале кој е, го следеле, праќале луѓе кај него, за на почетокот на годинава, според обвинителството под притисок тој да го открие идентитетот и да ја промени изјавата.
Неговото тврдење дека лажел додека бил заштитен сведок направи пресврт во судењето, па по две осудителни пресуди од по 12 години, судот донесе ослободителни пресуди.
Екс судијата Борис Николовски, адвокатот Сашко Лазаров и Јане Павловски Тица се обвинети за посредување, бидејќи правеле план за влијание кај обвинителот Ивица Ефремов, кој требало да се согласи браќата Ордан и Љубе Ѓорѓиевски да се бранат од слобода. Обвинителот Ефремов е обвинет и за нелегално поседување на оружје, откако во неговиот сеф во спалната соба биле пронајдени два пиштоли и 140 куршуми.
На обвинетите им биле следени и прислушувани телефоните и другата комуникација цели 14 месеци, во 2009 и 2010 година, па речиси сите материјални докази се обезбедени на тој начин.
За детали околу овие настани ќе сведочат десетина вработени во Основниот суд во Велес, во Јавното обвинителство, како и пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Трајчо Димков, тогашен директор на затворот во Штип.
Паралелно со делата поврзани во предметов „Ликвидација“ истрагата работи и на други предмети во кои се појавуваат имињата на дел од обвинетите. Бидејќи станува збор за стопански криминал, се очекува предметите да се работат на територијата на Велес, не пред ооделот за организиран криминал во Скопје.
Предметот пак за ослободителната пресуда во „Ореше“ е пред Апелациониот суд, кој наскоро треба да донесе одлука. Се очекува тој по трет пат да биде укинат и вратен на повторно судење, со тоа што се размислува дали би требало да се врати на судење во Велес по „Ликвидација“ или да се префрли во скопскиот кривичен суд.
Саше Димовски
