Државата ја заштити Лиле Најдова
На Лиле Најдова, која е лице со посебни потреби, газдата на фирмата која ја отпушти бидејки е бремена, ќе треба да и исплати плата, да и плати здравствено осигурување и трудничко боледување. Откако Лиле проговори јавно за нејзиниот проблем работите позитивно се придвижија. Во домот во Градско неа денеска ја посети заменик министерот за труд и социјала. Ибрахим Ибрахими соопшти дека дваесет и седум годишната жена ќе добие максимална заштита и државата ќе го спроведе законот кој ммора да го почитува и газдата на фирмата во која работи Лиле.
– Трудовите инспектори вршат контрола во фирмата. Првично утврдени се неправилности во исплатата на платите а претходно против фирмата е поднесена прекршочна пријава. Денеска има контрола и ќе видиме што трудовите инспектори констатирале таму. Но факт е дека постојат проблеми во фирмата. Ќе постапиме согласно законот и ќе превземеме мерки за заштита на лицата со инвалидитет кои се вработени, рече Ибрахими.
Поради незаконското работење на фирмата во која има вработено 22 лица со инвалидитет, а за кои државата исплаќа надомест на сопственикот, постоеше опасност најдова да остане без сини картони и породилен надомест. Според министерството за труд и социјална политика во кавадаречката фирма од вкупно 40 вработени 22 лица биле со посебни потреби. Фирмата официјално не ја избркала Најдова од работа, но не ги плаќала давачките кон државата. Мајката на Лиле денеска се заблагодари за експресното внимание и грижа истовремено апелирајќи државата да води поголема сметка за однесувањето на приватните фирми кон лицата со посебни потреби.
– Многу ви благодарам што дојдовте и што сакате да помогнете. Помошта многу ни значи и во истовреме сакам да побарам почесто да ги контролирате газдите кои вработуваат лица со инвалидитет или со посебни потреби. Сега со Лиле можеме да здивнеме и ќе ви кажам на сите штом се роди внучето, рече низ солзи радосници Живка Најдова.
Денеска до нив стигнаа уште две убави вести. Првата од „Леов компани“ од каде и понудија работа на Лиле, а втората од директорот на велешката болница.
– Уште утре ја очекуваме пациентката во болницата, ќе ја прегледаме, ќе и организираме подготовка од клиничкиот психолог, ќе закажеме термин за породување. А за тоа дали ќе биде нормално или породување со царски рез ќе утврдиме дополнително. Во колку е потребен царски рез еве јас ветувам дека јас ќе ја извршам операцијата, рече д-р Атанас Василев специјалист по гинекологија и акушерство.
Мајката на Лиле, пред три дена, побара помош за безизлената состојба во која се наоѓаа нејзината ќерка и невработениот зет. Лиле газдата ја отпуштил штом дознал дека е бремена а нејзиниот сопруг е невработен.Неа денеска заменик министерот Ибрахими ја информираше дека е вработена, на која и следува трудничко боледување и сите заостанати плати. /Б.Н