Опасни рудници и депонии ги трујат граѓаните
Охис, Лојане, велешка Топлница се уште ја трујат Македонија. Што прави државата со “опасните” рудници ?! Во отсуство на државна интервенција напуштените рудници сe уште се потенцијална “еколошка бомба”, објавува Фактор.
Од Министерството за животна средина објаснуваат дека празните каси, слабата имплементација на законите и недоволно стручните кадри се главните причини за децениското невешто справување со еколошките бомби, предизвикани од отворените рудници и индустрискиот отпад во земјава.
Олово, арсен, кадмиум и други канцерогени елементи со години ги “трујат” граѓаните кои живеат во близина на отворените рудници и индустрискиот отпад во земјава. Охис, отворениот рудник кај Лојане, велешка Топилница, индустриската депонија кај Јегуновце и уште 15 други рудници и индустриски капацитети се потенцијални еколошки бомби во одредени делови од Македонија.
Токму неправилното менаџирање со опасниот отпад во фабриките, отворените и напуштени рудници може да предизвика експлозија, што за земјава би било еколошка катастрофа. Но, еколошките филтри и санацијата на опасните жаришта како да не се приоритет ниту за државата, ниту за инвеститорите?!
Невладините организации неодамна повторно го кренаа гласот против жешките еколошки точки во земјава. Бараат државата повеќе да не им прогледува низ прсти на инвеститорите кои го загадуваат воздухот и водата и неправилно го складираат индустрискиот отпад.
“Проблемот се провлекува повеќе од 20 години. Уште во 70-тите години во околината на Пробиштип имавме една еколошка катастрофа. Пукна јаловишната депонија и се злеа во околината. Истражувањата кои беа направена за околното земјиште покажаа дека целото течение на реката во близина на депонијата е контаминирано и таму не смее да се одгледува никакви земјоделски производи“, изјави Марија Бошковска од општина Пробиштип.
И последната анализа на Организацијата на Обединетите нации за жешките точки во Македонија покажа дека опасни, канцерогени материи се уште се присутни длабоко во земјата, водата, воздухот. Само санацијата на контаминираното земјиште кај Охис, на велешката Топлиница и рудникот Бучим, оценети како жаришта со најголем ризик, се проценуваат на околу 20 милиони евра. Отстранувањето на ризиците и отровите од рудниците Саса, Лојане, Силмак, Тораница, Злетово и РЕК Битола се проценува на околу 40 милиони евра.