„Новинарска фотографија“ пред кавадарчани!
Објавено: 3 јули, 2013, во 12:36 часот
Над педесетина фотографии од богатиот опус на македонскиот автор Иван Иванов се дел од изложбата насловена „Новинарска фотографија“ што синоќа беше отворена во градската галерија при Домот на културата „Иван Мазов Климе“.
Иванов направил портрети на познати македонски актери, меѓу кои и на доајените Петре Прличко и Мето Јовановски. Кавадарчани во наредните денови ќе можат да ги погледнат и останатите мајсторски направени фотографии. Дел од изложбата се и фотографиите работени како насловни страни за познати ревии и списанија, дневни весници во земјава, како и за потребите на новинските куќи од поранешна Југославија.
Иван Иванов е роден 1940 година во Неготино.Сликарство изучувал во сликарската школа на професорот Сергеј Јовановиќ во Шуматовец во склоп на подготовката за приемен испит на академијата.
Самостојно изложувал свои дела три пати до сега, а има учествувано и на повеќе групни изложби. Иванов е учесник и во работата на десетина ликовни колонии.
