Слободата на медиумите во Македонија во слободен пад!
Македонија е на дното на Балканот според состојбата со слободата на медиумите, оцени меѓународната организација Фридом Хаус. Нашата земја сега, во 2013 година, е на 120 место, а лани била на 115. место. Состојбата во медиумскиот сектор е една од главните причини поради кои Македонија е во групата делумно слободни земји, објави во анализа Плусинфо.
Своето неславно 120. место Македонија го дели со Турција, Конго, Фиџи, Либерија и со Сејшели. Во регионот најдобро рангирана е Словенија, на 40. место и таа единствена е оценета како слободна. Србија се најде на 74 место, заедно со Унгарија и Црна Гора, Бугарија на 77, Хрватска на 81, Грција на 83, Романија на 86, а Албанија, Босна и Херцеговина и Косово на 90 место.
Директорката на проекти за слободата на медиумите при Фридом Хаус, Карин Карликер, во разговор за Гласот на Америка, оценува дека на Македонија ѝ треба саморегулирачка средина во новинарството, а не закон со кој политичарите ќе ги санкционираат новинарите.
– Ние заговараме подобрена саморегулирачка средина, во која проблемите кои политичарите и другите ги имаат со новинарското известување би можеле попрво да се разрешат од медиумски совет, саморегулирачко тело или арбитража, отколку со закон за клевета со високи казни – изјави американскиот експерт.
Фридом Хаус оценува дека, генерално, во светот лани е забележан пад на медиумската слобода, а процентот на светската популација која живее во земји со целосно слободни медиуми паднал на најниско ниво во последните 16 години.