Општината ги остави Оризарци без вода, реагира Социјалдемократите а на нивните прозивки одговори градоначалникот на Велес

Објавено: 27 јуни, 2017, во 16:27 часот

Состојбата со водоснабдувањето на село Оризари е алармантна. Три илјади жители на селото на летните горештини и за време на Бајрамските празнувања немале вода ни за пиење, ниту за извршување на основните животни потреби. Тоа е нехумано и нечовечки, реагираше денеска секретарот на Општинската конференција на СДСМ Марјанчо Јорданов. На прес конференцијата што тој ја одржа во Оризари ги повика градоначалникот и општина Велес веднаш да превземат мерки и да им обезбедат вода на жителите на селото.

– Ги повикуваме Општина Велес и градоначалникот Славчо Чадиев да престанат да ги игнорираат бројните апели на жителите на ова село и во најбрз рок да овозможат услови за квалитетно и ефикасно снабдување со вода на селото Оризари. Ниту едно оправдување не може да ја покрие катастрофата што се случува во Оризари. Граѓаните на општина Велес не заслужуваат ваква неодговорна власт која ги игнорира потребите на граѓаните, рече Јорданов.

Градоначалникот Чадиев призна дека општината има сериозен проблем со водоснабдувањето во ова населено место но, прстот го впери во жителите кои ги наводнувале нивите и го ослабувале количеството на вода за пиење. Тој објасни дека таму се појавиле и два сериозни дефекти на водоводната линија која до селото стигнува од градската филтерна станица преку населбата Превалец.

– Точно е дека водоводната линија е проблематична. Но, секоја година од месец септември до месец јуни, пумпите работат по осум часа на ден и ги задоволуваат потребите на жителите на Оризари со вода за пиење. Сега пумпите работат по дваесет и четири часа а имаме проблем со водоснабдувањето. Тоа значи дека водата за пиење се користи за наводнување. За време на празникот Бајрам испративме десеттина екипи и водата наеднаш дојде, рече Чадиев.

Општина Велес изработила проект за изградба на нова водоводна линија кон селото Оризари и сега чекана одобрување во министерството за транспорт и врски. Изградбата на линијата ќе чини 14 милиони денари и доколку нема брза реакција од министерството тогаш градоначалникот и жителите на селото ќе побараат одговорност од министерот Сугаревски, додаде Чадиев./У.Ј

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.