ЗНМ: „Непотребно се демонстрираше сила при приведувањето на новинарот Кежаровски“!
Здружението на новинарите на Македонија најостро реагира на непотребното демонстрирање на сила при приведувањето на новинарот од весникот “Нова Македонија“, Томислав Кежаровски. ЗНМ смета дека ваквиот начин на однесување на институциите е непропорционален за приведување на новинар осомничен за откривање на идентитет на заштитен сведок.
„Нејасно е зошто надлежните органи го приведуваат Кежаровски пет години по објавувањето на информацијата со која се открива идентитетот на заштитен сведок, кога сега не постои опасност да се предизвика штета за судскиот процес и кога сведокот повеќе нема таков статус. Тие што биле најодговорни да го сокријат идентитетот на заштитениот сведок потфрлиле во својата работа. Новинарот имал основано сомнение дека се работи за злоупотреба и затоа ја објавил информацијата со цел да заштити легитимен јавен интерес“ стои во реакцијата на ЗНМ и се наведува дека новинарите треба да ги почитуваат законите на државата, но етичкиот кодекс ги обврзува во нивната работа да водат сметка и за јавниот интерес.
Во член 5 (пет) од Кодексот на новинарите на Македонија се вели: новинарот ќе ги почитува законите на државата, но нема да објави или да сокрие што и да е во спротивност со јавниот интерес. Ваква одредба постои во сите кодекси на новинари во развиените демократски земји во светот. Ако не постоеше ваквиот професионален стандард, тогаш новинарите немаше да можат да откријат ниедна злоупотреба на власта. Слободата на изразувањето во демократски земји е правило, а секое ограничување е исклучок.