Искинати илјадници евра на подот во куќата на Црновршанин!
Најверојатно пари биле причината таткото да си го убие синот и да се самоубие, истрагата дава оскудни податоци за причините.
Пијан, во афект и гнев поради кавга за пари. Во таква состојба најверојатно Мујо Црновршанин го извршил грозоморниот чин во кој си го уби својот 36 годишен син Сеад, а по тоа се самоуби. Јавноста и по два дена од инцидентот кубури со информации, а единствено што неофицијално се дознава е дека сопругата на Мујо пред истражителите тврдела дека тој во моментот кога го извршил злосторството бил пијан. Од пазар се вратил поднапиен, а и дома испил уште едно бокалче коњак. Со такви информации уште во недела шпекулираа и неговите соседи. Причините за убиството ја лоцираат во честите кавги за биснизот кој го водело семејството Црновршанин, а кои во последно време биле се почести. На ова упатува и кавгата која избила меѓу сопругата и снаата на Мујо со него пред да се случи убиството. Дошол и синот Сеад и во еден момент според кажувањата на соседите излегол бегајќи од куќата, но куршумите од татковиот пиштол го стигнале. Во куќата останале расфрланите банкноти во вредност од илјадници евра, а поголем дел од нив биле искинати на парчиња.
Инаку семејството Црновршанин долго време водело сопствен бизнис за изолирање на фасади, поседувало куќи и автомобили, а во минатото со истата работа се занимавало и во Германија. Сеад бил син единец на Мујо, додека тој имал и две ќерки, едната мажена во Скопје, а другата во Сараево. Синот во последно време го водел бизнисот, но според кажувањето на соседите тие често знаеле да влезат во конфликт, но никој не помислувал дека последниот ќе има трагични последици. Инаку сопругата на Мујо, неговата снаа и внучиња се спасиле од истрели само поради тоа што успешно се сокриле во соседството. Настрада само неговиот прв комшија кој се обиде да го разубеди, но за среќа куршумот не беше фатален за него. Мујо после драматична акција на полицијата, сам си пукаше во левата слепоочница и почина после половина час во велешката болница./Б.Н.