Западна Европа блокирана од снег!

Објавено: 12 март, 2013, во 13:43 часот

Меѓународниот аеродром во Франкфурт денеска е затворен поради обилниот снег, при што досега се откажани 213 летови.

Снегот и ниската температура го отежнаа и патничкиот сообраќај, при што се регистрирани 120 сообраќајки. Метеоролозите предвидуваат температурата во текот на ноќта да се спушти до минус 15 степени, пренесоа светските медиуми.

Зимата се врати и во Франција, а обилни снежни врнежи изминатата ноќ блокираа стотици луѓе во нивните автомобили долж патиштата во северниот дел на земјата. Над 68.000 домаќинства во Бретања и Долна Нормандија, во западна Франција, останаа без струја по обилниот снег, што вчера паѓаше цел ден. Во 26 департмани во северна и западна Франција е прогласено портокалово ниво на опасност поради снегот. И Белгија денеска е блокирана од снежна бура. Во Брисел движењето на автобусите и трамваите од градскиот транспорт е многу отежнато, а во Лиеж јавниот превоз денеска целосно е запрен.

Во југоисточниот дел на Англија, пак, илјадници автомобили останаа блокирани поради обилниот снег. Голем број возачи останаа во возилата повеќе од осум часа, во колона долга над 50 километри.  Во прекин се е и железничкиот сообраќај, а не сообраќаат и фериботите кои ја поврзуваат Британија со континентална Европа. Синоптичарите соопштија дека во некои реони на Југоисточна Англија синоќа биле измерени минус седум степени. Толку студено време во март во земјата немало од 1986 година./Е.Н.Ј

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.