Неофит-поглавар на Бугарската православна црква!
Објавено: 24 февруари, 2013, во 15:03 часот
Досегашниот митрополит русенски, Неофит, е избран за нов поглавар на Бугарската православна црква.
На изборниот црковен собир за неговата кандидатира во вториот круг гласале мнозинството членови, пренесува Дојче Веле.
Неофит на местото поглавар на БПЦ го заменува починатиот патријарх Максим, кој на чело на црквата беше 41 година. За Неофит во вториот круг гласале мнозинството членови на изборниот црковен собир. На претходниот, прв круг, Неофит добил најмногу гласови (72), а втор бил митрополитот Гаврил, со освоени 43 гласа. Третиот кандидат, митрополитот Галактон добил 22 гласа. Два круга гласање беа неопходни поради тоа што во првиот круг ниту еден од кандидатите го немал освоено потребното двотретинско мнозинство гласови.
Неофит, роден како Симеон Николов Димитров на 15 октомври 1945 година, од 1989 година беше ректор на Духовната академија во Софија, од 1991 година декан на Богословскиот факултет при Софискиот универзитет, а од 1994 година митрополит доростолски и червенски, за после поделбата на епархијата на русенска и дорастолска, да стане митрополит русенски.
Од околу 7,5 милиони Бугари, околу 80 проценти се православни, помалку од еден процент се католици, а околу 10 проценти се муслимани./ А.Д
извор: Дојче Веле
