Младите ги детектираа проблемите, ќе им ги пренeсат и на политичарите!
Сега на ред се политичките партии. Прашањето е колку ќе има место за младинските проблеми во нивните предизборни програми.
Коалицијата на Младински организации “Сега“ во рамки на проектoт “Поттикнување на младинското учество во изборните процеси“ направи истражување кај младите за добивање на конкретни предлози за младинските проблеми, со цел тие да се најдат во изборните програми на политичките партии за локалните избори.
Со истражувањето биле опфатени младите од Кавадарци, Штип, Струмица, Скопје, Куманово, Тетово, Охрид. Директно во проектот учествувале 640 млади луѓе, а индиректно преку 10.000 млади од Македонија.
“Во секој град по 80 млади луѓе на возраст од 15-30 години, претставници од средношколски организации, студенти, младински организации, невработени и политички подмладоци, дискутираа и ги утврдија конкретните локални проблеми од горенаведените области. Целта ни е документот и детектираните проблеми и ставови на младите да бидат интегрирани во политичките изборни програми за локалните избори“ рече извршниот директор на коалицијата на младински организации “Сега, Зоран Илиески.
Проблемите кои ги посочиле младите биле од повеќе области, а најмногу од образованието, невработеноста, културата и младинското информирање.