Лозарите не дозволуваат продажба на винарска визба!
Лозарите кои имаат побарување од винарската визба“Винеа“ денеска едногласно застанаа против нејзината продажба.
Четириесетина производители на грозје кои родот во 2009 и 2010 го предале во винаријата си ги бараат парите. Старвуваат дека со продажбата на визбата тие ќе останат без пари, а само банката ќе си наплати дел од долгот. Тие денеска беа на протест пред канцеларијата на извршителот кој е ја спроведува постапката за продажба.
Лидерот на лозарите, Љупчо Аризанов вели дека винаријата има многу поголеми долгови од тие што ги побарува банката.
“Винеа“ на банката и должи 580 илјади евра, а на лозарите над 2 милиони евра. Е сега да видиме кој е поголем доверител, дали лозарите или банката. Сметам дека во дадениот случај предимство треба да им се даде на лозарите бидејќи имаат поголеми побарувања. Но банките се баук за народот. Сметам дека во прв ред треба да се води сметка за поголемиот доверител а не за помалиот. А според нашите сознанија, залихите кои се во винаријата не се доволни ниту за исплата на четврт долг кон лозарите. Ќе бараме помош и од министерството за земјоделство и од сите други надлежни државни органи за решавање на овој проблем. Проблемот на лозарите е многу голем, чекаат да си ги земат парите оти немаат за да преживеат. Оставени сме на цедило.“ рече Аризанов.
Тој нагласува дека немаат ништо против да се продаде визбата но, претходно да се исчистат долговите.
“ Нас не ни е гајле кој ќе биде идниот газда на винаријата. Неофицијално веќе имаме информација дека продажбата е веќе извршена но немаме конкретно информација дали е сето тоа вистина. Не може заткулисно да се продава “Винеа” кога лозарите не си ги добиле своите пари. Неисправна работа е оваа. Сакаме да се реши нашиот проблем. Не се само овие луѓе, бројот на оние кои се незадоволни е многу поголем. Ова се луѓето кои побаруваат за 2009 и 2010 година а има и такви за жал кои во објектот на “Винеа” во росоманско Паликура го дале и грозјето за минатата година-рече лидерот на лозарите Љупчо Аризанов.