Велес крои стратегија за вработувања, фирмите предвидуваат отпуштања!
Четири годишен план за нови вработувања подготвува Општина Велес, а за тоа на помош ги повика бизнисмените и институциите.
Со ова сака да ја намали невработеноста во градот која зема замав.
„Сакавме да слушнеме мислења од сите релевантни фактори и да утврдиме кои се точните потреби на стопанството. По ова ќе создадеме средно образование според побарувачката на кадри, ќе создадеме предуслови за бизнис, а тука многу ќе помогне и бизнис центарот кои ќе се отвори во градов за еден месец“, вели градоначалникот Горан Петров.
Бизнисмените пак не можат ни да зборуваат за нови вработувања, оти се соочуваат со откази на работниците. Согласни се дека им треба соодветно образовен кадар, но за сега не се убедени дека ќе може да го примат на работа.
„Податоците од Народна банка на Р.Македонија се дека 70 илјади сметкои на правни лица и 90 илјади на физички се блокирани и тоа кажува дека состојбата е алармантна. Криза е и мора да се размислува какви мерки ќе се преземат за да опстанеме, а за нови вработувања е прерано“, вели Трајче Трајков, претседател на Регионалната стопанска комора.
„Состојбата е лоша, фали образован кадар особено за дејноста која јас ја работам, но и да го има во моментов нови вработувања само можат да го оптоварат бизнисот“, вели Благој Индов, член на економскиот совет.
Поради ова стопанствениците побараа државата да го прогласи Езерото Младост за туристичка економска зона и финансиски да помогне со изградба на инфраструктурата и други олеснителни мерки. Општината пак до петок ќе ги очекува предлозите на бизнис секторот, а по тоа пред општинскиот совет ќе ја предложи четири годишната стратегија за вработувања.