Дума анализа: од богаташи до просечни газди се градоначалниците од Повардарието
Четиригодишното владеење на сегашните градоначалници привршува па дума.мк одлучи да потсети што се поседуваа првите луѓе на општините од Повардарсиот регион во времето кога седнаа во градоначалничката фотелја.
Меѓу градските татковци има милијардери, милионери, но и просечно имотни граѓани. Погледнете ја анализата:
Најбогат од градоначалниците во Повардарскиот регион е првиот човек на Чашка, Горанчо Пановски. Газда е на фирма, а има и станови, возило, заштеда, но и кредит. Фирмата „Лајф Текстил“ каде што токму Пановски се јавува како сопственник е проценета на речиси 2 милјони и 500 илјади евра. Пановски има и два стана во Скопје и Битола и двата вредни по 70 илјади евра. Вози Ауди А6 од 25 илјади евра, а исто толку заштедил и во банка. Земал кредит од 300 илјади евра во 2007 кој ќе го враќа до 2017 година.
Градоначалникот на Демир Капија, Трајче Димитриев е број два од градоначалниците во регионот по богатството кое го поседува. Газда е на фирмата „Барово“ која е проценета на 500 илјади евра, има куќа која чини 300 илјади евра и вози рено меган од 15 илјади евра. Со ова тој се впишува во листата на најбогатите градоначалници во регионов. Пред него е само градоначалникот на Чашка. Димитриев ја открива и сопствената месечна плата и примањата на неговата сопруга и дете. Така тој има речиси 1 илјада евра месечни приходи додека неговата сопруга 20 илјади денари, а неговото дете 13 илјади денари. На негово име има и кредит од 10 илјади евра кој треба да го врати догодина, а на име на децата има земјоделско земјиште од 15 илјади евра.
Она што го карактеризира имотниот лист на градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов е дека е колекционер на антички монети кои вредат повеќе од 8 илјади евра. Но освен монетите градоначалникот на градот на грозјето е и газда на лозје. На негово име е впишано лозје со површина од 5 декари кое чини 6 илјади евра, додека лозјето на неговите родители кое е за декар поголемо чини дури десет пати повеќе, 60 илјади евра. Родителите на Панов имаат и 40 м2 деловен простор проценет на 40 илјади евра. Панов вози опел астра, живее во станот на неговата сопруга со површина од 89 м2 кој е проценет на 32 илјади евра. Тој и неговата сопруга имаат заштета од 4 илјади евра.
Вистински земјоделец од земјоделски крај е градоначалникот на Лозово, Орце Цветковски. Тој има механизација, а неговите родители земја. 16 илјади м2 земјоделско земјиште во С.Каратманово поседуваат Цветковски што е вредно речиси 80 илјади евра. Тракторот и машините со кои ја обработуваат се на име на градоначалникот и се проценети на речиси 15 илјади евра. Приходот кој го остварува Цветковски годишно од земјата е 3 илјади евра. Цветковски на свое име има и Застава 101 и Фолцваген голф 3. Куќата во Село Каратманово е имот на родителите на Цветковски.
Градоначалникот на Велес, Горан Петров не е сам газда на она што го поседува. На негово име нема напишано ништо од она малку што го впишал во имотниот лист објавен од антикорупциската комисија. Куќата за одмор која чини 12 илјади евра и автомобилот СААБ 9-3 му е заеднички имот, но не напишал со кого. Станот од 86 м2 во Велес кој е проценет на 51 илјада евра е имот на родителите на Петров.
Градоначалникот на Градско, Глигур Коцев има имот, но и долгови, за она што поседуваат неговите роднини не открил во имотниот лист на антикорупциска комисија. Според она што го напишал, сам – газда е на земја, куќа и автомобил. Има 2330 м2 земјиште во Градско кое е проценето на 2 илјади евра, куќата од 65 м2 во Градско си ја проценил на три илјади евра што е зачудувачки ниска цена за недвижност, додека автомобилот цитроен Ц-3 чиј газда е самиот чини 13 илјади евра. Но, Коцев имал и долгови од 2005 година, кои според она што го впишал во имотниот лист засега треба да ги вратил. Тој кога седнал во градоначалничката фотелја имал повеке од 13 илјади евра долг на име крдит и лизинг.
Првиот човек на Неготино, Пане Трајковски има куќа во родниот град и вози автомобил кои се лично негови. Куќата од 130 м2 си ја проценил на речиси 25 илјади евра, а Опел вектрата на 6 илјади евра. Заедно со сопругата во Стопанска банка имаат речиси 12 илјади евра, амаат и долг од 1 илјада и 500 евра.
Куќа, лозје, овошна градина во Росоман и лозје во Кавадарци има градоначалникот на Росоман, Стојанче Лазов, но не открива колку вредат тие. Пари од земјоделие зема на лето и есен и тоа вкупно 80 илјади денари. Вози Фолцваген поло од 20 илјади евра, а заедно со неговата сопруга поседуваат куќа за одмор и 300 илјади денари ќеш. Акциите кои се на негово име вредат 4 илјади евра.
Првиот човек на Свети Николе, Роберт Ѓорѓиев е со скромен имот. Има куќа, двор и возило. Живее во 135 м2 проценети на 50 илјади евра и вози Фиат стило од 5 илјади евра.