Водата во Лисиче загадена, надлежните смируваат но ќе бараат решение
Фекалии, отпад и шут собира реката Тополка минувајќи по селата Дреново, Горно и Долно Јаболчиште бидејќи таму канализација нема.
Огромна количина загаден материјал со неа се влеваат во Лисиче од каде велешани пијат вода. Според анализите на Заводот за здравствена заштита во Велес отровни материи во акумулацијата веќе се насобрале.
„Органските соединенија во контакт со хлорот кој се користи за чистење на водата, градат сложени соединенија кои мислам дека се викаат трихлорометани и кои се канцерогени“, вели Флорентина Ристовска Шурбевска, директор на ЦЈЗ – Велес
Ова е проблем на двете општини, Чашка во која се наоѓа акумулацијата и Велес чии граѓани пијат од водата од нејзе. Според велешкиот градоначалник мора итно да се реши овој проблем.
{youtube}http://www.youtube.com/watch?v=fg7QYEgS7Nk&feature=plcp{/youtube}
„Мораме час поскоро да отпочнеме со изработка на докуменација на ниво на студија, која ќе ни покаже колку населени места има, каков тип на отпад има таму и да го предложи моделот како тоа да се реши“, вели Горан Петров, Градоначалник на Општина Велес.
Со ова се согласува и градоначалникот на Чашка според кој најдобро решение би било да се изгради колекторски систем.
„Колекторски систем треба, не гледам зошто пречестителна станица да се гради таму. Значи отпадните води кои доаѓаат ќе се пречистуваат и ќе се влеваат чисти во езерото. А потоа секако има и пречестителна станица во Велес“, вели Горанчо Пановски, градоначалник на Општина Чашка.
Сепак никој не открива за колку време и од каде пари за да се реши овој проблем . Раководството на хидросистемот Лисиче веќе планира од буџетот за следната година да одвои пари, но сепак помош ќе се бара и од други институции. Од таму смируваат дека состојбата не е алармантна.
„Ова е проблем кој ќе се решава на долгорочен план. Повторно ќе потенцирам дека моментално и на подолг рок Велес ќе има квалитетна вода за пиење што го потврдуваат и сите анализи“, вели Бобан Пановски, директор на ЈП „Лисиче“.
Инаку во трите села живеат повеќе од четири илјади жители кои чуваат речиси шест илјади грла стока. Повеќе од 55 илјади велешани пак пијат вода која градското комунално претпријатие „Дервен“ ја купува од државното „Лисиче“.