Во Велес отворен Регионален центар за помош на микропретпријатијата!
Сто мали претпријатија кои работат во Вардарскиот регион од денеска можат да ги користат услугите на регионалниот центар за помош на микропретпријатија до јавни набавки.
Канцеларија во Велес, во просториите на Фондацијата Фокус, отворија УСАИД и Центарот за граѓански комуникации. Таму обучен тим ќе им дава бесплатни информации, ќе организира обуки и ќе врши консултации за потребите на малите и средни претпријатија. Целта е тие да можат полесно и поедноставно да ги користат тендерите за јавни набавки.
Потребата од отворање на ваков центар доаѓа откако истражувањата покажаа дека микропретпријатијата традиционално не учествуваат во јавните набавки.
„Истражувањата и во Европа и во светот и кај нас покажа дека овие претпријатија не се доволно информирани, дека им недостига помош за да бидат дел од јавните набавки барем во број кој е значаен за економијата. Од една страна тие се значаен чинител не само за националната туку и за локалната економија, а од друга страна се малку застапени на пазарот на јавни набавки, рече Герман Филков од Центар за граѓански комуникации.
Центарот ќе работи на подигање на свеста на сопствениците и менаџерските тимови за учеството на овој пазар. Дополнително ќе ги едуцира и мотивира а ќе им помага и со информации за распишани и објавени тендери за јавни набавки.
„Одлучивме да го поддржиме Центарот за граѓански комуникации да го спроведе проектот за пристап на микропретпријатијата до јавните набавки заедно со неговите партнери Фокус од Велес и Ехо од Штип. Проектот ќе ги засили можностите на микропретпријатијата за учество на јавните набавки и ќе им помага да бидат поодржливи и поспособни во креирањето на нови работни места, во нивниот раст и иновациите, “ рече Џозеф Лесард, директор на канцеларијата за економски развој при УСАИД Македонија.
Регионалниот центар за помош на микропретпријатијата од Вардарскиот регион се наоѓа во централниот дел на Велес, на улица „Трајко Панов“ бр. 22 во Дворови. Ќе работи секој ден од 8.30 до 16.30 часот. За сите информации заинтересираните можат да се јавата на 043 212 450 или да ја посетат веб страната www.zanabavki.mk. каде во моментов се врши пријавување на заинтересирани претпријатија.