Акција: Подарете крв ќе спасите најмалку еден живот!
За да ги поттикнат велешани на хуманост и да и помогнат на болницата со нова залиха на крвни единици, општина Велес, Црвениот крст и мото клубот „Носачи на крстот“ организираат крводарителска акција. Ќе се одржи во Ликовниот салон, во понеделник на 5 ноември, како прва активност во одбележувањето на денот на градот Велес, рече градоначалникот Горан Петров.
„Акцијата е традиционална а еве од годинава освен општината и Црвениот крст во неа се вклучува и мото клубот Носачи на крстот. Благодарен сум на поддршката што од нив ја добивме и очекувам дека освен сите моторциклисти во неа ќе се вклучат голем број на граѓани,“ рече Петров.
„Нашиот клуб е формиран на 1 ноември, значи постоиме пет години и ние всушност годинава преку крводарувањето ќе го одбележиме јубилејниот роденден. Морам да кажам дека не е ова прва крводарителска акција во која учествуваат моторциклистите на нашиот клуб затоа што во изминативе четири години на роденденот ние организиравме акции а еве годинава се одлучивме тоа да го направиме заедно со општината и Црвениот крст во чест на роденденот на градот,“ реде д-р Горан Јовиќ, претседател на МК „Носачи на крстот“.
Тој во името на организаторите на акцијата ги повика велешани во што поголем број, во понеделник, да дојдат во Ликовниот салон и да даруваат крв. Акцијата ќе почне во 10 часот и ќе трае до 14 часот.