ЦГК и новинарите: Дебата за Законот за пристап до информации од јавен карактер

Објавено на 25 октомври, 2012 во 19:53

Насекаде во светот ваквото законско решение се користи како моќна алатка во рацете на новинарите и медиумите за добивање на информации кои се од интерес на јавноста.

Во колку информациите не се побараат тие ќе останат да лежат во некоја фиока, на дебатата во Велес, рече Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.

„ Треба да се користи овој закон затоа што пристапот до информации од јавен карактер е едно од основните човекови права и затоа што тоа граѓаните го заслужуваат а медиумите и новинарите ова право треба да им го овозможат,“ рече Филков.

На оваа тема Центарот за граѓански комуникации организира дебати со новинарите низ Македонија. Тие разговараат за кои теми најчесто ги користат правата од законот. На денешната Филков пренесе дел од искуства на новинари.

„ Новинарите малку го користат законот. Досега спомнаа многу причини а најчесто, поради долгиот рок за одговор од институциите бидејќи кај нас законската постапка пропишува рок, од нула до триесет дена, и институциите најчесто одговараат на триесеттиот ден. За новинарите тоа е предолго иако за да добиете информација е подобро некогаш отколку никогаш. За ова тврдам дека постојат позитивни искуства. Понатаму се жалат на не добивање информации од сите оние институции, агенции и министерства кои имаат подрачни единици бидејќи од таму сите ги преупатуваат во централите. Потоа од институции кои имаат потпароли, најчесто тука завршува информирањето, кај потпаролот. Од друга страна новинарите признаваат дека ретко посегнуваат по овој инструмент пред се поради неинформираност за можностите, опсегот на законот како и други причини кои ги демотивираат да го применат, “ рече Филков.

Треба сите заедно да ги натераме институциите да станат транспарентни отчетни и одговорни за своето работење, заклучија денеска новинарите во Велес. Според Филков законот е придобивка на модерното живеење на 21 век иако него некои земји го имаат донесено во 18 век па кај нив ова прашање не е од некој голем интерес а кај нас сега допрво му се радуваме.

„ Би сакал овој закон како свој да го почувствуваат сите граѓани. И тие да се научат да доставуваат барање, без да бидам разбран дека мотивирам некого да доставува барање, туку институциите да се отворат и да ги направат информациите јавни без некој да ги бара од нив. Значи да бидат транспарентни бидејќи имаат интернет страни, објавуваат билтени, неделници и месечници. Има многу начини на кои институциите можат да се отворат. На крајот тие работат за нас, трошат наши пари и ние треба да знаеме за што ги трошат или како работат“, рече Филков.

Центарот за граѓански комуникации, по дебатите со новинарите во градовите, ќе организира и обука на која врвни европски експерти ќе им пренесат искуства од користењето на законот за пристап до информации од јавен карактер, во нивните земји.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.