Студенти од странство учат македонски јазик
Повеќе од 300 студенти ја посетуваат едногодишната подготвителна настава по македонски јазик на Филолошкиот факултет. Најголем е бројот на студенти од Турција, Бугарија и Србија, но има и од Холандија, Литванија, Шпанија, Хрватска, Словенија, кои дошле преку образовната програма „Еразмус“. Овие студенти ќе останат во Македонија до мај 2013 година, а дојдоа во септември годинава.
Ако го положат испитот и добијат сертификат ќе може да се пријават за студии на кој било факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во наредната академска година.
Часовите кои ќе им овозможат да го совладаат македонскиот јазик за да може да студираат во иднина, ги организира Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, од чиј наставнички кадар се предавачите на програмата.
Министерството за образование и наука планира да ја прошири програмата за стипендирање странски студенти и таа да важи за сите кои ќе ја завршат подготвителната насатава по македонски јазик, со цел потоа да се запишат на студии во Македонија.