Велешката дијаспора се обедини и покажа дека мисли на родниот град
За три дена велешани коишто живеат и работат низ цел свет, собраа 6.100 долари и овозможија подобрување на условите за престој на ковид пациентите на Инфективното одделение во велешката болница. Вкупно 70 нови душеци, 140 постелнини, 70 перници и 70 кебиња се предадени на Општа болница Велес.
Идејата ја поттикна велешанецот Зоран Николов којшто му се јавил на пријателот Сашко Трајковки, исто така, велешанец, кој живее во Њујорк, Америка. Тие ја создале фејсбук група „Велешани низ светот“, која за неколку дена брои повеќе од 2.600 членови. Трајковски го објавил првиот пост во којшто иницирал добротворна акција за помош на велешкото Инфективното одделение за набавка на душеци, перници, постелнина, прекривки и ќебиња . Велешката дијаспора за рекордни три дена преку лични донации собрала 6.100 долари.
-Сакам да им се заблагодрама на сите велешани низ цел свет, коишто, без размислување, несебично ја покажаа својата хуманост. Од државите на САД, Канада, Австралија, Нов Зеланд, Англија, Германија и сите останати од различни земји од светот. За само неколку дена тие ја донирааа сумата од 6.100 долари. Да бидам искрен, јас и Трајковски бевме изненадени. Сега Инфективно одделение во велешката болница е опремено со нови душеци, перници, постелнина, прекривки и ќебиња што ќе им овозможат на болните сограѓани како и на пациентите кои доаѓаат од регионот похумани услови на лекување, рече велешанецот Зоран Николов.
За неполна седмица овие двајца велешани успеаа да мотивираат голем број на велешани со цел да покажат добра општествена одговорност за заедницата каква што е нивниот роден град, Велес.
Испораката на донацијата се случи во текот на вчерашниот ден. Од денеска, 54 кревети во Инфективното одделение изгледаат сосема поинаку. Преостанатите 16 душеци, ќебиња, перници и постелнини ќе бидат распределени на останатите одделенија кадешто има потреба самата ЈЗУ Општа болница Велес.
Велешанецот Зоран Николов е дипломиран електро технички инженер кој е вработен. Тој е оженет и татко е на две малолетни деца додека Сашко Трајковски е велешанец што води бизнис и живее во Њу Јорк, Америка а има и семејство составено од сопруга и три малолетни деца. Тие двајца велат дека имаат заеднички идеи што дополнително ќе ги реализираат и нема да бидат само хуманитарни.
Николов е познат и по создавањето на фејсбук групата „Дај, не фрлај – Велес“ со над 10.704 членови каде досега се случиле стотици лични, меѓусебни, подарувања на облека, обувки и предмети.
Заедничкиот гест на хуманост, на Николов и Трајковски, покажа како македонската и воедно велешката дијаспора може да се обедини за добробит на граѓаните во нивниот роден Велес. Благодарницата што ЈЗУ Општа болница Велес им ја додели ним и на сите велешани низ светот колку и да е симболична е знак на почитување од родниот град кој ги очекува некогаш да му се вратат од седумте континенти на земјината топка па дури и на краток престој.
Стефани Манева