Место за дружба, игра и насмевки добија децата со ограничена мобилност и попреченост на езеро „Младост“ крај Велес

Можат безбедно да се капат и да се забавуваат на брегот на Езеро Младост, дечињата со ограничена мобилност и попреченос . И не само од Велес туку новоизградениот парк на Срцата ќе можат да го користат и нивни пријателчиња којшто туристички ќе дојдат во посета на езеро „Младост“ крај Велес. Инклузивното детско игралиште се наоѓа веднаш до Паркот на авантури и располага со многубројни реквизити за забава.

-Ова е еден прекрасен проект за којшто сите треба да се гордееме. Го добивме во остра конкуренција според пропозициите на Швајцарската амбасада и Швајцарската агенција за развој и соработка. Велес секогаш бил прогресивен и авангарден. Со ова ние докажуваме дека во македонски регионални размери правиме некои првични обиди затоа што сега е вистински момент. Да го потенцирам фактот дека е добро што за лицата со ограничена мобилност и посебни потреби не се навраќаме, не се сеќаваме и не им се обраќаме само на 3 декември, на денот на лицата со посебни потреби, туку треба да упатиме една јасна порака дека за нив општеството треба да се грижи 365 денови во годината. Ова е една прекрасна пригода да упатиме апел и да ја подигнеме јавната свест дека грижата за овие лица треба да биде наша секојдневна обврска за да ги направиме да бидат еднакви со сите нас, рече Градоначалникот Аце Коцевски.

Здружението на лица со церебрална парализа во период од една година ќе го менаџира игралиштето како и првата плаза на езеро „Младост“ кадешто се наоѓа пристапна патека за лицата со ограничена мобилност и попреченост. Заедно со нив ќе бидат и спасителите од ЗГ „Македонски спасител – безбедност на вода и планина“ Велес којшто ќе помагаат постојано додека дечињата се во вода.

– Ги повикуваме сите невладини организации од Вардарскиот плански регион и од Македонија да дојдат и да се забавуваат нивните членови, да не контактираат и да направиме убава дружба, рече Далиборка Златева, претседателка на Здружението на лица со церебрална парализа во Велес.


Раководителот на Вардарски плански регион, Игор Андреевски, истакна дека е посебно горд на овој проект бидејќи истиот е уникатен по повеќе основи.

-Ми претставува голема чест што денеска завршивме со еден од најубавите проекти којшто ги реализираме. Слободно можам да констатирам дека преку реализацијата на овој проект не разговараме само за основно задоволување на потребите на овие дечиња туку разговараме за навистина квалитетен живот и целосна еднаквост со сите, за што навистина сум посебно среќен, додаде Андреевски.


„Паркот на срцата“ го изгради Центарот за развој на вардарски плански регион со финансиска поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка, Министерство за локална самоуправа и Општина Велес во вредност од околу 10.000.000 денари.

Синоќешната забава на дечињата покажа колку ваков простор недостигал за да се видат насмеани лица и желба за дружење. Концертот на ДНК и R’n’B Neighbours измами голем број на аплаузи, среќни лица и насмевки.
Стефани Манева
