СЗО: Во Авганистан ќе пропаднат околу 1,6 милиони вакцини

Објавено на 7 октомври, 2021 во 09:53

Околу 1,6 милиони дози на вакцини против коронавирус во Авганистан мора да се искористат што е можно побрзо, затоа што наскоро им истекува рокот, соопшти Светската здравствена организација.

Меѓународната организација истакна дека од почетокот на август, тестирањето и вакцинацијата против ковид-19 во земјата се значително намалени.

И покрај сите тешкотии на теренот, СЗО соопшти дека продолжува да работи со партнери во најмалку 16 авганистански провинции за да го зголеми нивото на тестирање и вакцинација против коронавирусот. Целта на организацијата, меѓу другото, е вакцинацијата да опфати најмалку 20 проценти од 32 милиони луѓе во земјата.

СЗО соопшти дека испратиле медицински пакети до две болници во Кабул, како и до нејзините регионални канцеларии, за да се задоволат потребите на 50.000 луѓе. Од август, организацијата испрати лекови и медицински материјали во 360 медицински установи во Авганистан, исполнувајќи ги потребите на околу 3,9 милиони луѓе.

Претходно, СЗО соопшти дека здравствениот систем во земјата е пред колапс и оти се потребни итни мерки. Според СЗО, девет од 37 болници што лекувале заболени од ковид-19 се затворени во септември, а илјадници здравствени работници во земјата се без плата со месеци.

Авганистанската телевизија Толо њуз објави дека повеќе од 151 000 луѓе биле заразени со коронавирус во земјата до вчера. Од почетокот на пандемијата, околу 7000 луѓе во Авганистан починаа како резултат на болеста.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.