Пост на Фејсбук шири невистини дека со вакцинацијата се зголемил бројот на заболени и починати од ковид-19

Објавено на 20 октомври, 2021 во 09:07

Постот не нуди докази кои потврдуваат дека со вакцинацијата против ковид-19 се зголемил процентот на заболени и починати од коронавирусот. Не е точно дека се кријат официјални податоци од несакани реакции по примена вакцина против ковид-19. Официјалните податоци покажуваат дека вакцината во голем процент од случаите на ковид позитивни штити од сериозни форми на болеста и од смрт

Пост на Фејсбук неосновано шири дезинформации дека откако почнало вакцинирањето против ковид-19, се зголемил бројот на заболени и починати. Постот неточно вели и дека се кријат официјални податоци за повреди и смртност од имунизацијата.

ДАЛИ “ЗА МОМЕНТ НА СРЕЌА” Е МОМЕНТ НА НЕСРЕЌА???

▪︎Од кога почнаа со масовно пелцување на луѓето, почна да се зголемува процентот на заболени и умрени???

– СО КОЈА ЦЕЛ ГИ БОЦКАТЕ ЛУЃЕТО, ДУРИ ДЕЦА, БРЕМЕНИ, ХРОНИЧНИ БОЛНИ…АКО КРАЈНИОТ РЕЗУЛТАТ Е ПОВТОРНО БОЛЕСТ И СМРТ???

▪︎Зошто се кријат т.е. нема официјални податоци за повреди и смртност од наводната имунизација???

▪︎А да не прашуваме за Фонд за обештетување од трајни последици по здравјето и смрт, како во секоја нормална држава???

Во објавата неточно се тврди дека откога почнало масовното вакцинирање против ковид-19, почнал да се зголемува процентот на заболени и починати. За ваквото тврдење не се понудени никакви факти и докази. Нема никаква статистика, никакви официјални податоци и бројки, туку само произволно нафрлање и манипулирање.

Од друга страна, истражувањето на Цивика мобилитас, потврдува дека во последните три и пол месеци, благодарение на вакцинацијата против ковид-19, имало 14.500 помалку заразени од коронавирус и 4.595 помалку неделни хоспитализации, односно вакцинацијата ја намалила хоспитализацијата помеѓу 37,9% и 46,5%.

Понатаму, постот прашува, со која цел „ги боцкате луѓето, дури деца, бремени, хронични болни ако крајниот резултат е повторно болест или смрт?“. Прво, никој никого не боцка со сила. Вакцинацијата во Македонија е доброволна и секој се вакцинира по своја одлука и сопствено убедување, без никаква присилба. Целта на вакцинацијата не е повторна болест, ниту смрт, туку спречување на ширењето на коронавирусот.

Дека вакцината штити од тежок облик на болеста и смртни последици, покажуваат и последните официјални податоци на Министерството за здравство, според кои, во периодот од 06.08 до 07.10. 2021 година, 76 проценти од ковид позитивните и 81 процент од хоспитализираните, биле невакцинирани. Според официјалните податоци на здравствените власти во земјава, вакцините се над 63 проценти ефикасни за превенција од инфекција, додека за 85 отсто го намалуваат ризикот од тешка форма на болеста.

Во период од 06.08 до 7.10.2021 на територија на државата 38.019 граѓанин, се позитивни од тестирани на ковид-19, од нив 24% биле целосно вакцинирани, односно 9.163 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со ковид 19. Според статистика за изминатите два месеца, 28.856, граѓани, односно 76% од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица, кои се невакцинирани изнесува 81%, додека само 19% од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од 6.08 до 7.10.2021 на територија на државата починале 1.277 пациенти со ковид19, 1.070 пациенти од починатите, односно 84% не биле вакцинирани, а само 16%, односно 207 примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувањасе вели во анализата на МЗ.

Понатаму постот шири невистини дека „се кријат т.е. нема официјални податоци за повреди и смртност од наводната имунизација“. И ова не е точно. Несакани реакции од вакцините против ковид-19, пациентите и лекарите можат да пријават електронски на официјалната веб-страница на Агенцијата за лекови – МАЛМЕД.

Како што објави Радио Слободна Европа на 11 септември 2021 година, повикувајќи се на официјални податоци од МАЛМЕД, од почетокот на вакцинацијата до 11 септември, на неделно ниво, пристигнувале по неколку пријави за сомнеж на несакана реакција од вакцините. Несаканите ефекти најчесто се благи и краткотрајни.

По спроведена вакцинација на 750.893 лица во нашата земја, согласно официјалните податоци објавени од Министерството за здравство, кај помалку од 0,03 проценти од извршените вакцинации е пријавен сомнеж за несакана реакција, се вели во одговорот од МАЛМЕД за Радио Слободна Европа.

Од МАЛМЕД наведуваат дека најчесто пријавените реакции биле со лесна симптоматологија како болка и оток на местото на апликацијата, покачена телесна температура, главоболка, болка во мускули и малаксаност, односно, сите пријавени несакани реакции се опишани во упастствата за употреба на вакцините.

Од Министерството за здравство за Радио Слободна Европа изјавиле дека ниту еден од вакцинираните не пријавил сериозни последици, ниту, пак, дека има починати како последица од примената вакцина.

Како единствен случај го посочуваат случајот со 28-годишната девојка, која на крајот на март беше хоспитализирана на Клиниката за хематологија во Скопје откако се вакцинирала во Србија и развила тромботична реакција, а немала хронични заболувања.

Од сето ова можеме да заклучиме дека постот не нуди докази кои потврдуваат дека со вакцинацијата против ковид-19 се зголемил процентот на заболени и починати од коронавирусот. Не е точно дека се кријат официјални податоци од несакани реакции по примена вакцина против ковид-19. Официјалните податоци покажуваат дека вакцината во голем процент од случаите на ковид позитивни штити од сериозни форми на болеста и од смрт. Според тоа, постот што го анализираме го оценуваме како невистинит.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.