Со лажни информации се плашат родителите да не ги вакцинираат децата против ковид
мРНК вакцините не ја менуваат вашата ДНК на кој било начин и затоа не можат да предизвикаат рак. Вакцините за Messenger РНК (мРНК) ги учат клетките како да создадат протеин што предизвикува имунолошки одговор ако некој се зарази. мРНК што се инјектира во вашето тело не комуницира со вашата ДНК. Откако мРНК ќе ја заврши својата работа, вашите клетки ја распаѓаат и расчистуваат од вашето тело. Нема трајни ефекти од мРНК во вакцината, пишува на официјалната страница за вакцинација на С. Македонија
Рецензираме пост на Фејсбук во кој се вели дека вакцината против ковид е експериментална и во прашање се доведува нејзината ефикасност кога се дава кај деца. За да се поткрепи тврдењето дека вакцината е небезбедна, постирано е видео од извесен доктор Лери Палевски, кој во видеото кажува дека „вакцината против ковид предизвикува рак, неплодност, спонтани абортуси, мртвородени деца, миокардитис, срцеви удари“.
Веќе го знаеме ова и не може да речете дека не сте знаеле. Зашто насекаде околу вас се информациите за да знаете дека има проблеми со овие вакцини. Ако им ја дадете оваа инјекција на вашите деца вие ги гледате како одат во гасна комора. Ова не е вакцина, не е вакцина и не е вакцина. Нема да ве заштити од инфекција (од 31 секунда во видеото до 1 минута и 43 секунда во видеото).
Не му е првпат на Палевски да биде предмет на дебанкирање на неговите неточни информации. Така претходно тврдел дека спајк протеинот го имало во плунката на вакцинираните по што тие можеле да го трансмитираат наоколу, што проверувачи на факти од Грција го побија овде.
Палевски е педијатар кој лечи на холистички начин. Барем така пишува на неговата страница.
Вакцината против ковид не предизвикува рак. Овој мит е побиен на официјалната страница за вакцинација во земјава:
мРНКвакцините не ја менуваат вашата ДНК на кој било начин и затоа не можат да предизвикаат рак. Вакцините за Messenger РНК (мРНК) ги учат клетките како да создадат протеин што предизвикува имунолошки одговор ако некој се зарази. мРНК што се инјектира во вашето тело не комуницира со вашата ДНК. Откако мРНК ќе ја заврши својата работа, вашите клетки ја распаѓаат и расчистуваат од вашето тело. Нема трајни ефекти од мРНК во вакцината, пишува на официјалната страница за вакцинација на С. Македонија.
За Ју Ес Еј Тудеј, професорот и специјалист за канцер на универзитетот Мехари Медикал Колеџ, Доналд Алцендор, рекол дека тврдењата оти вакцините против ковид предизвикуваат канцер се неосновани.
Повеќе од 6 милијарди луѓе примија ковид вакцина низ светот, а инциденцата на канцер и ХИВ не е посочена како каузална врска со вакцините, изјавил тој, додавајќи дека состојките во вакцината не се канцерогени.
Во врска со тврдењето дека вакцините против ковид предизвикуваат неплодност, повеќе лекари го демантираат тоа. На пример, доктор Лиридон Диша нагласува дека не постои ниту една веродостојна и сериозна студија што ја поддржува дезинформацијата дека овие вакцини предизвикуваат неплодност, притоа додавајќи дека тврдењето за такво нешто не може да биде точно, бидејќи овие вакцини се користат помалку од една година и дека е многу рано за такви заклучоци.
Веста дека овие вакцини предизвикуваат неплодност кај луѓето не е точна! Како прво, на научниците им треба време да го докажат тоа. Овие вакцини се користат помалку од една година и е премногу рано за да се донесат такви заклучоци. Другата причина зошто се работи за лажна вест е фактот дека досега не е направена една сериозна студија што го потврдува тоа, изјави тој за Порталб.
Koмитетот за вакцинација и имунизација на Обединетото Кралство ги советува бремените жени да се вакцинираат против ковид. Во САД, против Ковид-19 со вакцини од производителите „Фајзер“ и „Модерна“ вакцинирани се 90.000 бремени жени и не се идентификувани никакви проблеми по однос на сигурноста на вакцините.
Она што е сигурно е дека бремените жени кои ќе се разболат со Ковид-19 имаат поголема можност да завршат на интензивна нега отколку жените на иста возраст кои не се бремени. Веројатноста да се породат предвремено бремените жени со ковид 19 е за два до три пати поголема отколку за бремените жени кои не се инфицирани со ковид.
Упатствата за бремените жени во Обединетото Кралство официјално покажуваат дека кај бремените жени со коморбидитети ризикот од сериозни компликации од Ковид-19 е поголем. Ризик фактори за бремените жени се проблемите со имунитетот, дијабетесот, високиот крвен притисок, срцевите заболувања и астмата, прекумерната тежина, возраста, односно ако се постари од 35 години, и ако ја поминале дваесет и осмата недела од бременоста. Вистиномер за оваа дезинформација, дека вакцините предизвикуваат неплодност, пишуваше тука и тука.
Миокардитисот по вакцинирање со мРНК-вакцини против ковид е констатирана, но многу ретка несакана нуспојава, која почесто се појавува кај момчињата отколку кај девојчињата. Акутниот тек на миокардитисот, при стационарен третман, е најчесто благ. Досега нема сознанија за можни долгорочни последици, пишува институтот „Роберт Кох“ во својот „Епидемиолошки билтен“ од 19 август 2021.
Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) од САД пишува дека случаи на миокардитис се појавиле после вакцинација со „Фајзер“ вакцините, особено кај млади машки деца, дека почесто тоа се случува после втората доза и неколку дена по вакцинацијата. Според ЦДЦ, повеќето пациенти со миокардитис, на кои им била пружена нега, добро одговориле на третманот и брзо закрепнале, но треба да се консултираат со кардиолог пред да вежбаат или да се бават со спорт. Симптоми на миокардитис се болки во градите, недостаток на здив и чувство на срцебиење. Дали Центарот за контрола и превенција на болести продолжува да ја препорачува вакцината и покрај овие случаи? Да.
Познатите ризици од ковид и компликациите од ковид како долгорочни здравствени проблеми, хоспитализација и смрт, далеку ги надминуваат потенцијалните ризици од имање ретка несакана реакција на вакцината, вклучително можниот ризик од миокардитис, пишува на страницата на ЦДЦ.
Меѓу многуте дезинформации во ова видео, уште и ќе ја издвоиме онаа што докторот ја посочува во видеото, дека вакцините нема да ве заштитат од инфекција од ковид.
Доктор Соња Ралева вели дека вакцинацијата ќе ја намали можноста за да настане инфекција со SARS-CoV-2 или доколку се развие болест таа ќе биде со полесни симптоми.
На имунолошкиот систем му се потребни неколку недели по примање на вакцината да создаде заштита од вирусот. Треба да се знае и дека вакцинацијата, иако обезбедува висока заштита, сепак, таа не е сто процентно ефикасна, објаснува таа.
Претседателката на Комитетот за имунизација, доктор Александра Грозданова, исто така потврдува дека вакцините се ефикасни.
Според студиите објавени во стручни списанија со голем импакт фактор „Lanset” и „The new England Јournal of Мedicine” пред појавата на делта сојот, „Фајзер“ и „Модерна“ покажуваат од 87% до 100% заштита од симптоматски ковид -19 и од 80% до 93% заштита од асимптоматска инфекција. „Астра Зенека“ во студии во Велика Британија покажала ефикасност од 60% во заштита од симптоматска инфекција и 70,4% заштитата од симптоматска инфекција од британскиот сој. Спутник во студии направени во Русија покажува 97,6% заштитата од инфекција, додека „Синофарм“ според студии во ОАЕ и Бахреин покажува ефективност од над 90%, истакна проф. д-р Грозданова.
Според неа, вакцините се ефективни во спречување на хоспитализација и тешка форма на болест и по појавата на делта сојот, но може да бидат помалку ефикасни во спречување на инфекција или развивање на поблаги симптоматски заболувања. Причините за помала ефикасност најверојатно вклучуваат опаѓање на имунитет со текот на времето, појавата на Делта варијанта и различниот одговор за повозрасната популација и имуно-компромитираните пациенти.
Несаканите сериозни реакции се навистина ретки, според податоците кои кај нас ги прибира МАЛМЕД не сме имале ниту еден случај на животно-загрозувачка реакција како последица на овие вакцини. Бројот на несакани реакции е далеку помал од ризикот што го носи болеста, така што бенефитот од вакцинацијата против Ковид-19 е на високо ниво, истакна таа.
Повеќе од 70 проценти од заболените и хоспитализираните се невакцинирани во земјава.
Има научни истражувања според кои невакцинираните имаат 11 пати поголема шанса да умрат ако се инфицираат со ковид.
Од сите овие факти, произлегува дека вакцинацијата против ковид е пожелна и многу потребна мерка за превенција и стабилизација на епидемиолошката состојба. Несаканите ефекти иако постојат, се ретки, но не вклучуваат неплодност како што лажно се тврди во постот кој го рецензираме. Невистинито е и дека вакцините не штитат од инфекција, или, пак, дека предизвикуваат канцер.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар